Фото: Илустрација/Пиксабеј

По повод Светскиот ден за борба против ракот, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) ја повикува Владата и Министерството за здравство, итно да ја зголемат поддршката за превентивни програми за рана детекција и спречување на малигни заболувања.

– Анализите покажуваат дека превентивната здравствена заштита во земјата не е приоритет. Буџетските средства за превенција се намалуваат, при што во 2024 година изнесуваа само 590 милиони денари, додека за 2025 година се предвидени 651 милион денари. Сепак, загрижувачки е што во последните години, со ребаланси, овие средства често се кратат – потенцираат од Здружението.

Како што наведуваат, ссобено алармантна е состојбата со скринингот на ракот на грлото на матката, иако воведен од 2012 година, не овозможува соодветна превенција.

– За успешен скрининг е потребно да бидат опфатени најмалку 75 отсто од жените, но, во 2023 година биле тестирани само 11 проценти од целната група. Недоволната распределба на финансиски средства – само 11 милиони денари годишно, недостигот на гинеколози во 40 општини, како и проблемите со електронското пријавување, ја загрозуваат ефективноста на програмата. Поради тоа секоја година од рак на грло на матка заболуваат околу 200 жени, а во изминатите години, секоја година умираат помеѓу 40 до 60 жени од рак на грло на матка. Сите овие смртни случаи можат да се спречат доколку имаме добро организиран и соодветно финансиран скрининг на рак на грлото на матката, како и соодветен опфат со ХПВ вакцинација на младите – истакнуваат од Здружението.

ЕСЕ бара итно зголемување на средствата за скрининг на рак на грлото на матката на минимум 35 милиони денари годишно, подобра достапност до гинеколошки услуги, зголемена вакцинација со ХПВ вакцина и спроведување на сеопфатни здравствени едукативни кампањи.

– Превенцијата спасува животи. Борбата против ракот мора да биде врвен приоритет за здравствените политики во земјата – нагласуваат оттаму.