Еписокоп Партениј и Бигорското братсво одржаа панихида за незаборавниот Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање. Епскоп Партениј посветува и посебен текст за великиот наш сенароден апостол под наслов „Гоцевиот културен натпревар како образец за евангелско живеење“.
– Исполнувањето на 150 лета од рождеството на великиот наш сенароден апостол, просветен деец, учител, идеолог и борец за народната слобода, Георги (Гоце) Николов Делчев, проследено со незаборав и со сестрани енкомии, јавни манифестации и воспеви, ја докажува вистинитоста на библискиот негов исказ за културен натпревар како образец за евангелско живеење. Се чини дека во денешното македонско потсончевие, по имињата на нашите рамноапостолни Отци и Просветители, нема послаткозвучно име на народен делател од тоа на Гоце Делчев. Самото негово спомнување причинува (или би требало да причинува) благородни чувства кај секој современ Македонец, стои во написот на епископ Партениј – посветен на Гоце.
Додава дека чесно, праведно и достојно е да се гордееме со еден таков духовен исполин, чијшто мисловен и идеолошки склоп го прави подеднакво голем и важечки и денес, пренесува МИА.
– Со сигурност, Гоце Делчев духовно и културолошки не им припаѓа на оние кои (без разлика од каде и од каква националност се) беспричински, примитивно, вулгарно и полуписмено истураат преку социјалните мрежи зборови полни со навреди, злоба и омраза. Тој им припаѓа на нему сличните, кои со трпение, широчина и усрдност се трудат да ги оприсутнат неговите идеали во време-просторот во кој живеат; на оние кои во себе култивираат култура; на оние кои својата словесност не ја расфрлаат во празнословие и злословие, туку ја ползуваат за уподобување на Словото Божјо, за стекнување и остварување на евангелските начела, чиишто предан поклоник бил и самиот тој, наведува еписокоп Партениј.
Животните подвизи и дела, нагласува тој, го откриваат Георги како човек на духовното благородство, на евангелската пожртвуваност за ближните, на Словото и на словесноста.
– И кога не би знаеле ништо за неговиот живот, би можеле да го сфатиме ова само од неговиот светоглед, преточен во зборовите што излегле од неговата умносрдечност: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“. Овој силогизам, произлезен од длабокото и практично животно љубомудрие, го покажува Делчев како евангелски крин изникнат од македонската почва, кој ја краси идејата за личноста и за човештвото. Со други зборови, роден во Македонија и воспитан во домородната христијанска култура и филозофија, Гоце Делчев, туѓ на секаков национализам и шовинизам, е граѓанин на Светот, или, можеби подобро речено, граѓанин над светот. Вонвременски и сепросторен културен и култен идеолог и деец – оценува г. Партениј.
Би сакал, посочува, да ги спомнам пророчките зборови на најблискиот другар и соподвижник на Делчев, а воедно и негов прв животописец, Пејо Јаворов, запишани во предговорот на неговата книга „Гоце Делчев“, објавена една година по херојската смрт на „Апостолот“.
– Илјадници образи на загинати во цветна младост борци греат со непомрачениот блесок на едно беспримерно себеодрекување, на едно беззаветно самопожртвување. Меѓу нив, сепак, секогаш ќе го зазема првото место ликот на човекот, чијашто најдобра биографија еден ден ќе биде пространата историја на македонското револуционерно движење од почеток досега. Името на тој човек стои како заглавие на нашата книга. Нека му биде споменот вечен – го завршува написот еписокоп Партениј посветен на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.