Ова е најголем успех на Македонија на оваа олимпијада по физика, вели Емилија, која има голема листа на победи
Емилија Николовска со своите 17 години сака да го открие непознатото. Вредно да го истражува и да му донесе нешто ново на човештвото. Емилија е од Охрид, а учи во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Иако е на летен распуст, таа не мирува. Неодамна освои бронзен медал на Светската олимпијада по физика.
– Имаше селекционен натпревар и од Македонија бевме одбрани пет ученици. Натпреварот беше тежок. Беше потребна претходна подготовка, имавме часови со професори и асистенти од ПМФ, но се припремавме и сами. Имаше вкупно околу 400 деца од осумдесет земји од светот. Искрено, немав очекувања, пријатно се изненадив зашто задачите беа потешки од лани. Дадов сѐ од себе и се спремав колку што можев и ете, тоа се исплати и сега имам заслужен одмор. Ова е најголем успех на Македонија на оваа олимпијада по физика – раскажува Емилија.
Светската олимпијата е во организација на Швајцарија и требало да се одржи во Белорусија. Меѓутоа поради состојбата во Украина се одржала онлајн.
Ова не е прва награда на Емилија. Таа досега има добивано општински, регионални, државни и меѓународни награди на натпревари и олимпијади по хемија, информатика, програмирање, математика, а додека учела основно училиште и награди по англиски, германски…
– Мал проблем е дека не можам да учествувам на сите олимпијади зашто се поклопуваат датумите и морам од нешто да се откажам – вели Емилија.
Вели дека од сите предмети, најинтересена ѝ е физиката.
– Физиката ми е природна. Кога гледам низ прозор, сѐ што ми гледаат очиве е физика. Меѓутоа, физиката оди заедно со математиката. По нив, ги одбирам хемијата и програмирањето. Во секоја област човек може да си го најде најинересното – вели Емилија.
Науката ја сака уште од најмала возраст. Бројките ѝ се пријатели уште од градинка.
– Кога бев во градинка бројките ми одеа многу лесно и потоа на училиште првите неколку одделенија не ми беше интересно на часовите. За натпреварите дознав првпат во четврто одделение, и почнав да одам и така ја задоволував потребата да научам повеќе. Кога почнав моите родители ми помагаа, но по некое време почнаа наставниците во основно да ми помагаат, па професори од факултет. Можеш и самостојно да се надградуваш, но е многу полесно кога друг ќе ти објасни и ќе те насочи да не луташ по материјалот. Со желба и ако се вложи доволно труд може сѐ да се постигне – раскажува средношколката.
Николовска е неуморна. Таа годишно учествува на три-четири светски или европски натпревари. Неретко се случува и да е единственото женско во тимот. Понекогаш луѓето не успеваат да ја разберат, меѓутоа таа си го следи сонот.
– Луѓето ме прашуваат „Зошто толку се мачиш“. Додека јас решавам задачи и се спремам, некој шета. Не дека јас не излегувам, но имам најдено некоја удобност во тоа да решавам задачи. Не е тоа мачење. Посебно ме возбудува правењето експерименти. На пример, хемија многу сакам поради тоа. Иако, можеби, научно може не се толку значајни тие екперименти, мене ми се интересни за око. Тоа не значи дека јас правам нешто помалку или повеќе од другите деца, само посветувам малку повеќе време на она што го сакам. Сакам да одам на прошетки, посебно покрај езеро, сакам да гледам серии, сакам да слушам музика, сакам да готвам кога потоа не ме мрзи да ги мијам чиниите. Сега баш бев на „Охрид колинг“, сакам да одам на концерти и да се изнаскокам за целата година – раскажува Емилија.
Емилија сака во странство да го надградува своето знаење.
– За студентските денови сакам да заминам во Америка или во Англија. Би пробала на МИТ на Харвард во Америка. Сакам астрономија или физика, нешто поврзано со истражување на големите тела и на универзумот, воопшто. Од мала кога бев првата енциклопедија што ја засакав беше баш астрономија. Читам постојано информации и истражувања за тоа. А доста од тоа учам и преку задачите по физика. Не би одбила еден ден работа во НАСА. Ама сакам да работам на нешто што ќе истражува нешто што не го знаеме, а има многу што не го знаеме. Во Англија исто би пробала на физика, да биде нешто поврзано со истражување, не сакам да сум професор и само да предавам, сакам да истражувам. Нешто екпериментално да биде, ако имам таква можност. Сакам да пробам на ново место, да запознаам нови луѓе, култури, ама и ќе имам и повеќе избор за учење. Нашите услови се такви какви што се. Жал ќе ми биде најмногу за луѓето тука, за Охрид, за Скопје, ќе ми фалат. Ама можам да се вратам кога сакам – вели Николовска.
Емилија е една од македонските шампиони што својата генијалност сакаат да ја споделат со светот, што сакаат да учи од светот, но и надвор од неговите граници. Ѝ посакуваме да допре до ѕвездите.