Деструктивната појава што е забележана во Македонија веќе е практикувана и во глобални рамки
Еколошкиот тероризам е забележан во различни форми во САД, Австралија, Сирија, Ирак и во нашето соседство, во Грција, опфаќајќи оштетување имот од страна на радикални групи, но и пошироко уништување на животната средина, како што е случај во Македонија. Интересно е што терминот екотероризам во глобални рамки главно се користи во контекст на екстремниот активизам поврзан со животната средина, а политички мотивираната употреба на овој вид насилство (или заплашување за постигнување политички цели) е сѐ почесто документирана низ светот, што го прави ова поведение (и квалификацијата како – екотероризам) уште поинтересно за анализа…
Нападите насочени врз компанијата „Тесла“ на милијардерот Илон Маск, во кои пред неколку месеци беа запалени повеќе автомобили од нејзино производство во низа инциденти низ САД, како и придружни капацитети на произведувачот, покажаа дека екстремната појава на екотероризмот, со кој беа поврзани злосторствата, е распространета низ светот. Еколошкиот тероризам е забележан во различни форми во САД, Австралија, Сирија, Ирак и во нашето соседство, во Грција, опфаќајќи оштетување имот од страна на радикални групи, но и пошироко уништување на животната средина, како што е случај во Македонија. Интересно е што терминот екотероризам во глобални рамки главно се користи во контекст на екстремниот активизам поврзан со животната средина, а политички мотивираната употреба на овој вид насилство (или заплашување за постигнување политички цели) е сѐ почесто документирана низ светот, што го прави ова поведение (и квалификацијата како – екотероризам) уште поинтересно за анализа…
Екотероризмот не смее да се игнорира, треба да се нарече со вистинското име и соодветно да се санкционира
Министерството за правда на САД по повод нападите врз „Тесла“ поднесе обвиненија против три лица во Чарлстон, Лавленд и во Салем (места во три различни сојузни држави) што беа осомничени за насилни инциденти насочени кон автомобилите, изложбените салони и станиците за полнење на компанијата низ земјата. Обвиненијата вклучуваат низа насилни дела за кои се предвидени затворски казни од пет до 20 години. Обвинетите се сомничеа за користење молотови коктели за палење автомобили и станици за полнење на „Тесла“, како и за поседување други „запаливи направи“ и автоматска пушка „АР-15“.
– Завршија деновите на извршување злосторства без последици – кажа тогаш американската јавна обвинителка Пем Бонди, откако претходно вети дека нападите врз „Тесла“ ќе се сметаат за „ништо помалку од домашен тероризам“.
Таквите инциденти во американските медиуми беа третирани и како екотероризам, при што потсетија на еден од попознатите случаи на овој вид злосторство, кој беше извршен од група позната како „Семејството“, за која ФБИ смета оти е поврзана со повеќе од 40 кривични дела помеѓу 1995 и 2001 година, вклучувајќи палење и вандализам, во кои е предизвикана штета од над 45 милиони долари.
Најозлогласениот чин на групата бил нападот со палење ски-центар во Вејл, во сојузната држава Колорадо, во 1998 година, што предизвикало штета од околу 26 милиони долари.
Искуството од САД на решителна акција и строги казни против извршителите на екотероризам треба да претставува пример за сите што се соочуваат со оваа екстремна појава, како начин за можна превенција од неа и за справување со извршителите.
Насилните деструктивни методи заеднички за сите екотерористи: Од анархисти до припадниците на Исламската држава
Сојузната држава Калифорнија, пак, беше епицентар на некои од најзначајните екотерористички напади во САД, првенствено извршени од групи на радикални еколошки движења. Групата „Фронт за ослободување на Земјата“ (ЕЛФ) и нејзините разграноци кон крајот на 90-тите години од минатиот век и почетокот на 2000-тите спровеле акти на палење и саботажа против цели за кои се сметаше дека ја експлоатираат животната средина. Тие вклучуваа пожари во дрвни компании, скијачки центри и нови станбени објекти низ западниот дел на САД. Специфична ќелија на ЕЛФ позната како „Семејството“ беше одговорна за милиони долари имотна штета преку палење пожари во сојузните држави Калифорнија, Орегон и Колорадо пред нејзините членови да бидат уапсени. Во 2008 година, пак, ФБИ спречи заговор од радикални екологисти во Калифорнија, кои планираа да користат импровизирани експлозивни направи против корпорации.
Во Сирија и во Ирак уништувањето на животната средина се користеше како тактика и последица на војувањето, првенствено од страна на Исламската држава (ИСИС), но и од други борбени сили. ИСИС ја користеше „тактиката на изгорена земја“ за време на повлекувањето, кога намерно запали нафтени полиња, како што се оние во близината на Кајара, Ирак, во 2016 година. Овие пожари создадоа „токсичен црн чад“ и „езера од цврста сурова нафта“, што доведе до сериозно загадување на воздухот, почвата и водата, со сериозни последици по јавното здравје. Згора, воздушните напади од страна на коалициските сили врз нафтените постројки контролирани од ИСИС, иако тактички важни, предизвикаа дополнителни штети врз животната средина од излевања нафта и пожари. А во конфликтот беше уништена и критична инфраструктура за безбедно отстранување отпад и нафта, што резултираше со дополнително неконтролирано загадување.
ИСИС исто така ја користеше и водата како оружје, преку манипулирање со водоводната инфраструктура, односно со браните, за да поплавува градови и да го прекине снабдувањето со вода.
Во Грција, актите поврзани со екотероризмот првенствено имаа цел да создадат страв, а не да предизвикаат масовни жртви. Во нив екоанархистичката група „Зелено-црни командоси“ стекна озлогласеност во 2017 година, кога се закани дека ќе отруе производи во супермаркетите во Атина и Солун со хлороводородна киселина. Групата протестираше против божиќниот консумеризам, принудувајќи масовно повлекување на производите. Грција има долга историја на анархистички групи што користат насилство за различни идеолошки цели, при што некои инциденти покажуваат врски со еколошки или антикорпоративни мотиви.
Фокусот во Австралија во врска со екотероризмот е ставен на штетите врз животната средина како закана за националната безбедност, наместо на широкораспространетата екстремна појава извршена од страна на организирани криминални групи. Централно прашање таму претставуваат правните тешкотии за гонење на извршителите. Австралискиот закон се смета за несоодветен за гонење намерни напади врз животната средина од страна на терористички организации или странски сили како злосторства врз националната безбедност. Хипотетичките сценарија за истакнување на оваа правна ранливост вклучуваат намерни излевања на нафта во Големиот корален гребен и пожари што се шират од националните паркови. Австралиската влада и безбедносните агенции затоа остануваат фокусирани на справување со ризикот од домашен насилен екстремизам, кој понекогаш може да вклучува и странски идеологии и антиавторитативно расположение. Р.С.