На панел-дискусијата „Односите на Западен Балкан и ЕУ во променлив политички, безбедносен и економски пејзаж“, што се одржа во рамки на Меѓународната конференција на Паневропската унија во Скопје, говорниците истакнаа дека Европската Унија продолжува со недоследна политика и стратегија на „подвижни цели“. Поради тоа, очекувањата на земјите од регионот постојано се зголемуваат, а многу од нив остануваат неисполнети.
Сепак, доколку се понуди конкретен проект за интеграција на Западен Балкан во единствениот европски пазар, тоа треба да се прифати без никакви задршки. Влезот во единствениот пазар, според учесниците, претставува суштинска реализација на процесот на интеграција во ЕУ.
Главен говорник на панелот беше поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој нагласи дека секогаш кога Македонија се доближувала до поставената цел од страна на ЕУ, таа цел се поместувала, со што се зголемува и листата на неостварени очекувања.
-Темата е комплексна бидејќи мораме да ги опфатиме и економските и политичките и безбедносните аспекти во овие промени. Да не навлегуваме во историјата бидејќи ќе заглавиме, но и да не влеземе во замката да овие актуелни промени ги согледуваме од денешен аспект, односно од дневна политика, бидејќи имаме хиперинфлација на настани кои се случуваат секој ден – рече Иванов, осврнувајќи се на настан што треба да се случи на 19 и 20 март, односно разгледувањето на извештајот на Марио Драги на Европскиот совет, којшто извештај, според Иванов, е битен за Западниот Балкан и за Македонија.
Извештајот, рече Иванов, е од 800 страници и, како што рече, е последна надеж за соочување на Европа со својата позиција во однос на Америка и на Кина, зголемување на конкурентноста, соочување со скапата енергија, со зелената енергија, коридорите на зелена енергија, новите коридори, односно обезбедување своја одбрана, односно орудија Европа да се опреми.
-Така што се очекува веќе во март да биде клучен момент дали Европа ќе се соочи со реалноста или ќе влезе во својата безначајност во однос на Кина и на Америка. Планот предвидува, односно извештајот, околу 800 милијарди евра секоја година да се инвестира во овие приоритетни цели. Проблемот е од кај ќе се најдат тие пари. Една солуција е да се повтори сценариото кога беше пандемијата и ковидот со обврзници. Но малите и сиромашните членки на Европската Унија се изрично против таквиот начин. Втор начин кој е преќутно онака меѓу бриселски кругови да се искористат 33, замислете трилиони штедни влогови на европските граѓани кои се во комерцијалните банки – рече Иванов.
Според него, интересно е дека од тој извештај на Марио Драги произлегуваат актуелните дебати кои се случуваат низ Европа деновиве.
-Индикативно е писмото на германскиот министер за финансии до неговите колеги дека сега е вистинско време за проектот Европа со две брзини. Тој е план уште од Меркел, нереализиран, но сега се поттикнува дека мора Европа да создаде Е6. Најсилните економии на Европа кои се 70 до 75 отсто од БДП на цела Европа и 60 отсто од нејзиното население, а се Германија, Франција, Италија, Шпанија, Холандија и Полска, треба да бидат локомотивата на ова стратешко поместување на самата Европска Унија од кои директни последици ќе ги имаме ние на Западниот Балкан. Но тоа е убаво како сон, но уште тогаш имаше полемики дека несреќна е избрана таа кованица Европа со две брзини, бидејќи тоа асоцира на една железничка композиција во која локомотивата и првите вагони се со една брзина, а другите вагони со втора брзина и таква композиција теоретски не може да се движи. Ќе се распадне. Меѓутоа веројатно метафората е да сокријат дека е неопходна Европа од прва класа, локомотивата и првите шест вагони, и Европа од втора класа која ќе бидат во другите вагони. А во последните сме ние предвидени – нагласи Иванов.
За ефикасност на овој план, според Иванов, главна пречка е едногласноста, односно консензусот кој мора да се постигне во Европската Унија по секое прашање.
-На овој начин голем дел од прашањата кои треба да ја променат Европа и да ја прилагодат на реалноста е дека ќе бидат во надлежност на овие шест земји. Тука има еден проблем. Односно еден тројански коњ на Вашингтон кој е во Е6, а се вика Полска. Новиот полски претседател кој е конзервативец лесно може да стави вето на таква одлука на полскиот парламент, а либералната влада на Доналд Туск нема квалификувано мнозинство, кај нив не се две третини, таму се четири петини, мислам сега не сум баш сигурен, малцинството за таа да суспендира таква одлука на полскиот претседател. Од друга страна идната година се избори во Полска, но и избори во Франција. Значи сега се соочуваме со трка на времето, кој ќе биде победник – дали иницијативата за Е6 или пак останување на Европа во статус кво и нејзино тонење и губење во сопствена безначајност – рече тој.
Тој оцени дека она што се нуди од Брисел, Западен Балкан треба да го прифати пред се економско интегрирање, што за нас е одлично.
-Тоа ќе значи дека ќе ги оствариме четирите слободи за движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Односно ќе го немаме проблемот што го имаат сега нашите кои земаат бугарски пасоши и одат за да се вработуваат во Европската Унија. Но за до тоа да се стигне е креиран планот за раст од 6 милијарди предвидени за Западен Балкан. Мислам дека Македонија е некаде, не сум сигурен 750, 800 милиони или колку се, од кои 150 се грантови за инфраструктура и другите се за сервисирање на долгови и буџетот – рече Иванов.
Потсети дека за тоа има цела листа на реформи што мора да се исполнат за да се пристапи до тие средства од Планот за раст, реформи во судството, конкретни закони по конфискација на нелегално стекнат имот, реформи во повеќе области меѓу кои е и затворање на термоцентралите на јаглен.
Иванов, меѓутоа, посочи и на обратната ситуација, односно колку Западен Балкан ѝ дава на ЕУ?
-Некои ќе кажат па такво нешто не постои. Да, ама да ја земеме германска статистика. Според германска статистика еден лекар да се создаде, да се произведе чини од 500 до 550 илјади евра. Од кои се 120 до 150 илјади основно и средно образование, медицински факултет и специјализација. Инженер во зависност од која гранка е чини од 350 до 400 илјади евра. Среднист, од 130 до 150 илјади евра. Значи на секоја медицинска сестра што од Западен Балкан оди во Европска Унија ние, Западен Балкан ѝ поклонува по 150 илјади евра. Секој лекар што од Западен Балкан оди во Европска Унија ние поклонуваме по 500 до 550 илјади евра, секој ден речиси. Секој инженер што оди во Европска Унија е поклон од нас на Европска Унија. Гледате како сиромашните ги финансираат богатите? И сега се прашувате зашто беше создавањето на единствениот европски образовен простор кој го знаеме како Болоњски процес. Тој не бил за создавање профили и кадри за домашниот пазар на трудот, туку за европскиот пазар на трудот. Веднаш да се вклучат во европската економија и европските институции – рече Иванов.
Запраша дали не е помалку попаметно отколку да чекаме 6 милијарди како цел Западен Балкан од Европската Унија со цела листа на услови кои некогаш се и неостварливи, да бараме ЕУ да создаде фонд во кој ќе се реституира она што го добива од нас досега.
-Тогаш тие 100 милиони што ги очекуваме секоја година од Европската Унија, тоа се 100 лекари и 200 инженери што одат од Македонија во Европската Унија. Ние им ги даваме подарок. Ја гледате логиката? Но сме политички коректни, истата работа за време на Отоманска Империја велевме данок во крв, а сега ја велиме интегрирање во Европска Унија затоа што барем нашите луѓе живеат и се дел од Европската Унија. И го остварија својот сон, не дома туку во туѓина – посочи Иванов.
Тој се осврна и на односите меѓу ЕУ и САД. -Сигурно тие што се вклучени во евроинтеграциите знаат за проектот ПЕСКО, односно создавање одбранбени сили на самата Европа со европски орудија да кажеме оружја и системи на заштита и на одбрана. Голем дел од овие средства што се од извештајот на Марио Драги требаат и таму да се вложат. Но пред два дена во „Политико“ излезе текст во кој Пентагон се заканува дека Европа ако се вооружува со европско оружје да очекува санкции и казни од Америка. Гледате какви се односите Америка и Европа сега, оцени Иванов и додаде дека Европа не треба да го изгуби нејзиниот нејзиниот основ за постоење, бидејќи никој не зборува дека Европа е мировен проект и целта на Западен Балкан е да влезе во Европската Унија бидејќи нуди мир, а потоа доаѓа просперитет и развој.
Амбасадорот Ивица Боцевски и поранешен вицепремиер за европски прашања рече дека за разлика од европската, Македонија имаше позитивно искуство со една друга интеграција – со југословенскиот федерализам, затоа што македонскиот суверенитет онака како што ние го сфаќавме, беше апсолутно заштитен.
-Нашиот суверенитет нам не ни треба за некои големи потфати, за ресурси, за некои економски теми, македонскиот суверенитет се исцртува со заштитата на нашата култура. Затоа ние сакавме да се стопиме во европската интеграција, затоа што не може да се живее само од култура, во музеи не се живее. Свесни сме дека ни е потребна далеку поширока рамка за да можеме економски да опстојуваме – рече Боцевски.
Од тие причини, додаде Боцевски, Европската економска заедница беше прифатлива за нас и ние сметавме дека ова транзиција ќе оди лесно, наместо тоа се соочивме со еден кошмар од 36 години коку што трае.
-Тој кошмар нема македонска димензија, знам дека секогаш ние сакаме да кажеме дека имало наша вина, немало наша вина, Македонија едноставно немаше шанса. За Маконија вратата никогаш не беше отворена и се уште не е отворена, тоа е факт. Ние имаме наши проблеми, корупцијата, проблеми со економскиот и социјалниот развој, непотизмот, недостигот на стандарди, меѓутоа во делот на европската интеграција ние никогаш немавме шанса. Онаму каде што ни беше давана шанса секогаш бевме извонредни, не случајно бевме најдобра земја во сите перформанси околу визната либерализација. Многу јасни беа критериумите – рече Боцевски.
Според него, доколку навистина се стави на маса проект којшто ќе оозможи интеграција на Западниот Балкан во единствениот пазар, тоа треба да се прифати без никаква задршка. -Влезот во единствениот пазар целосно го исцрпува проектот на интеграција во ЕУ. Суштината на европската интеграција е влезот во единсвениот пазар. Суштината на процесот на интегрирање е во единственит пазар. Тој влез за нас ќе ги реши сите работи. Доколку пакетот којшто е ставен на маса, а за којшто зборуваше премиерот, ги опфаќа овие три точки, Македонија тоа треба да го прифати и целиот Западен Балкан тоа треба да го прифати без „не“, „меѓутоа“, „затоа“ или било што. Подобро нешто, подобар влез во единствениот пазар отколку чекање во место, заклучи Боцевски.
Поранешниот премиер Емил Димитриев потсети на Лисабонскиот договор од 2009 година, кога Европската Унија одлучи да стави силен фокус на градење на своја структура за заедничка надворешна, одбранбена и безбедносна политика. Со посебен сегмент на фокус за градење на определена структура којашто ќе биде гарант на безбедноста на Европската Унија.
-Меѓутоа, каде е Европа споредена со пред 17 години, кога сум бил директен учесник на тие состаноци, затоа што ние бевме како земја аспирант за членство повикани и учествувавме на министерско ниво за да дискутираме на оваа тема? Тогаш навистина во 2009 беше ентузијазмот голем во Европската Унија. Почнаа буквално цртање на единици, бригади, дури се избра и командант. Но, запознававме генерал во униформа, а ова е генералот којшто ќе командува со воените сили на Европската Унија. За жал, после 17 години, состојбата во Европската Унија на овој план е речиси непроменета. Веројатно генералот отишол во пензија, тоа беше возрасен човек, не знам каде е сега, меѓутоа прогресот го нема – рече Димитриев.
Димитриев посочи дека ЕУ и ден денеска има отворени прашања како да се движи во овој правец.
-Комесарката Калас на почетокот на февруари, по однос на прашањето на формирање на безбедносни сили на Европската Унија, даде една формулација: ‘екстремна опасност’. Неколку дена после тоа на Минхенската конференција, комесарката Фон дер Лајен кажа дека Европската Унија треба да ја оживее идејата за формирање на структура којашто ќе се грижи за нејзината безбедност – рече тој.


































