Фото: МИА

Владата денеска ја усвои Програмата за работа во 2023 година која, како што соопшти, е во функција на остварување на стратешките приоритети содржани во владината Програма за периодот 2022 – 2024 година.

Обезбедување забрзан, одржлив и инклузивен економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните, унапредување на енергетската транзиција, инвестирање во енергетска ефикасност и зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени, справување со последиците од светската пандемија предизвикана од ковид – 19 и други кризи, успешно водење на пристапните преговори со ЕУ, како и унапредување на одбранбената политика во функција на развојот, независноста, територијалниот интегритет, безбедноста на граѓаните и колективната безбедност, се само дел од приоритетните цели.

Стратешки приоритети, како што наведува Владата, се и обезбедување на владеење на правото и независност на правосудството, подигнување на квалитетот на образованието достапно за сите, согласно побарувачката на пазарот на трудот, развој и унапредување на културата и спортот, професионална и ефикасна јавна администрација, поддржана со интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники, целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, градење на граѓанска држава со етничка и социјална кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување.