Еколошкиот криминал претставува еден од најголемите и најскапи облици на криминал во светот, но воедно и еден од најмалку гонетите, истакна директорот на Регионална антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на обука наменета за претставници на Секторот за заштита на природата и биодиверзитетот, фокусирана на процена на ризик од корупција, пренесе МИА.
Повикајќи се на статистиката на Евроџаст, тој посочи дека во Југоисточна Европа се процесирани само 57 случаи поврзани со еколошки криминал, што, според него, ја потврдува сериозноста на проблемот.
Хани нагласи дека улогата на РАИ не е ограничена само на борбата против корупцијата, туку вклучува и градење култура на интегритет и нови вредности во општеството. Секторот за животна средина, како што посочи, е препознаен како еден од најранливите, со висок ризик од корупција.
– Нашиот мандат не е само да се бораме против корупцијата, туку и да создадеме култура на интегритет, како и да градиме нови вредности, кои ќе се грижат за нашето општество. Заштитата на животната средина е од особено значење поради тоа што еколошкиот криминал во светот претставува еден од најголемите, би рекол најскапите, но и најмалку гонети криминали – истакна Хани.
Во однос на тоа дали обуката ќе резултира со конкретни механизми за процена на корупциски ризици, тој посочи дека одговорноста најнапред лежи кај раководителите на институциите и кај државното раководство. Според него, секторот за животна средина е помалку регулиран, што го прави поизложен на корупција.
– Ова значи развивање конкретна алатка за мониторирање, која преку прашалници и посебни инструменти навреме алармира за потенцијалите за постоење корупција, но во исто време алатка што овозможува правилата и процедурите да се регулираат уште подобро и да се идентификуваат недостатоците во надлежностите, на пример, на разите институции. Бидејќи секторот за животна средина е сектор што е помалку регулиран и повеќе изложен на корупција, тоа значи дека има повеќе простор за дискреција и донесување одлуки што често се под влијание на разни интереси – заклучи директорот на РАИ.
На настанот присуствуваше и амбасадорот на Австрија во Македонија, Мартин Памер, кој повика на доследна примена на антикорупциските закони и јакнење на културата на интегритет.
Во своето обраќање тој порача:
– Нашата земја ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија и во сите напори во таа насока. Би апелирал до сите, од највисоките политички претставници до граѓаните, да бидат одговорни, доследни и совесни. Најдобрите закони и најдобрите регулативи не помагаат ако не се применуваат ако не се почитуваат и ако не се следат на дневна основа – порача Памер.
Обуката е трета во серијата национални активности во рамки на проектот „Југоисточна Европа – Заедно против корупцијата II“ (SEE-TAC II), финансиран од Австриска агенција за развој со средства од Австриската развојна соработка, а имплементиран од РАИ и Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал.
РАИ е меѓународна организација со седиште во Сараево, основана од девет земји од Западен Балкан и Југоисточна Европа со цел јакнење на институционалната доверба преку зајакнување на капацитетите во борбата против корупцијата. Проектот се спроведува во шест западнобалкански јурисдикции: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија – и ќе трае до мај 2027 година.
































