Фото: Анфора

За да се намали цврстиот отпад кој нуркачите преку низа акции го вадат од дното на Охридското Езеро, потребни се повеќе еколошки акции, едукација и правилно управување со отпад.

Според нуркачите од Нуркачкиот клуб „Амфора“, најкритични точки се оние каде се влеваат реките во езерото.

Викендов се реализираат акции за чистење на дното на Охридско Езеро „Охрид еко 2025“ во организација на Нуркачкиот клуб „Амфора“.

Јован Секулоски од НК „Амфора“ вели акцијата се фокусира на повеќе локации на Охридско Езеро, почнувајќи од вливот на реката Черава кај Љубаништа па се до Калишта во Струга, вклучувајќи ги и Заливот на коските, кампот Градиште и градското пристаниште.

– Целта на оваа акција е да се извади овој цврст и штетен отпад од Охридското Езеро, да влијаеме на јавната еколошка свест на охриѓани и туристите кои доаѓаат и пред се да внимаваме како постапуваме со отпадот. Во акцијата има голем одзив од нуркачите од НЦ „Амфора“ и од домашните нуркачки клубови и од регионот, како клубови Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. Најмногу наоѓаме отпад во форма на пластика, стакло, лименки, автомобилски гуми, градежен шут кој се таложи на дното на Охридско Езеро низ годините и овој отпад мора да се отстрани – вели Секулоски.

Најкритични точки, посочува, се вливовите на реките потенцирајќи дека веќе реализирале проект во сорабтока со Општина Охрид насловен „Нуркачна екопатрола“ во рамки на кој бил каде направен мониторинг на тие точки.

– На сите акции кои следат полека ги елиминираме тие точки. Но, многу е тешко да се отстрани целиот тој отпад. Потребно е овој проблем да се реши на повеќе начини, вклучително и еколошки акции, едукација и правилно управување со отпад – додава Секулоски.

Инаку, меѓународната акција за чистење на дното на Охридско Езеро од цврст отпад во организација на НК „Амфора“ се организира четврта година по ред, годинава под покровителство на ДМ дрогерии и Општина Охрид.