Денеска се навршува точно една година до катастрофалниот пожар во модуларната ковид болница во Тетово во кој загинаа 14 лица, пациенти кои се лекувале од ковид и нивни придружници.
Истрагата за случајот траеше прилично долго, беа вклучени освен македонски истражители и германски експерти, при што се утрди дека причината за пожарот кој избувна околу 21 часот на 8. септемри 2021 година е спој на продолжен кабел на кој бил приклучена дефибрилатор со кој во кобниот момент во една од болничките соби се вршела реанимација на пациент.
За трагедијата која ја потресе целата држава се уште сведочат опожарените остатоци од модуларната болница која не е отстранета ниту една година по настанот.
Пред неколку дена во Основниот суд во Тетово започна судењето за одговорните за пожарот. На обвинителна клупа се најдоа поранешните директори Флорин Бесими и Артан Етеми, обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, како и докторот Бобан Вучевски обвинет за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово за кривичните дела „предизвикување општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
На судењето во вторникот кое кратко по почетокот беше одложено за 14. септември беше присутен само екс директорот Флорин Бесими кој изјави дека не се чувствува виновен за случајот и дека тоа ќе го докаже во текот на судската постапка.
Во пожарот во модуларната ковид болница лани загинаа 12 пациенти и 2 посетители, додека 12-мина преживеаа.