Фото: Маја Јаневска-Илиева

По минатонеделното констатирање на оставката на Зоран Заев од премиерската функција, во Парламентот, почнаа да течат роковите за за формирање нова Влада во Македонија. Претседателот Стево Пендаровски информирааше дека во среда ќе го додели мандатот на Димитар Ковачевски, новиот претседател на СДСМ, по што почнува да тече рокот од 20 дена за составот кабинетот на новиот премиер.

Во рок од 20 дена новиот мандатар треба на Собранието да му го достави составот и програмата за работа на новата Влада, по што почнува да тече нов рок од 15 дена во кој треба да се закаже седница за избор на новата Влада, на која новиот мандатар во експозе треба да ја ообразложи програмата. Собраниската расправа може да трае најмногу два дена, односно гласањето мора да се одржи најдоцна вториот ден пред полноќ. За избор на нова Влада на Ковачевски ќе му биде потребно мнозинство од вкупниот број на пратеници.

СДСМ утре во седиштето на партијата, на седница на Централниот одбор, треба да го официјализира Ковачевски како кандидат за нов мандатар и треба да ги утврди кандидатите за владини функционери. Планот на социјалдемократите е пред Бадник или по Божиќ на 8 јануари да ги достават предлог-составот на новата влада и нејзината програма. Новиот претседател на СДСМ, Ковачевски, на вчерашната средба со партискиот подмладок изјави дека на партијата ѝ требаат промени, а од Охрид најави дека фокусот на новиот владин кабинет ќе биде на економијата.

Претседателот Пендаровски минатата недела изјави дека на идниот мандатар Ковачевски е „голема непознаница во политиката затоа што не бил на позиција претходно, но треба да му се даде шанса“.

-Факт е дека има богато академско искуство, има години и години партиски стаж во СДСМ, таму го познаваат. Мислам дека има конекции со разноразни групации кои постојат. Мислам дека има добра стартна основа – рече Пендаровски.

Од партијата се уште нема ниту едно официјално име за кандидат за министер, заменик или друг владин функционер, иако има бројни шпекулации. Дека нема да учествуваат во новата Влада веќе потврдија Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Венко Филипче, а и Оливер Спасовски истакна дека не смета дека треба да е дел од новиот влаидн состав. Дел од другите досегашни владини функционери, како министерот за транспорт Благој Бочварски и вицепремиерот Фатмир Битиќи, рекоа дека се подготвени да бидат дел од новиот владин состав и да учествуваат во реализацијата на владините програми.

Со излегувањето на БЕСА од Владата празно остана местото во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Согласно договорот Алтернатива добива три министерски места. Партијата за министер за здравство ќе го предложи Баким Сали. Адмирим Алити ќе биде кандидат да раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи ќе биде предлог за министер без ресор задолжен за дијаспората.

Освен нови владини функционери, владејачкиот СДСМ треба да избере и ново партиско раководство, кое по автоматизам, со заминувањето на Зоран Заев од претседателската функција, е во оставка.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на последните неколку прес-конференции изјавија дека „Димитар Ковачевски нема да донесе ништо нови за државата бидејќи ќе продолжи да ги спроведува погубните политики на Заев“. Опозицијата и понатаму останува на барањето за предвремени парламентарни избори, за кои смета дека се единственото решение за излез од економската и здравствената криза во Македонија. Власта е децидна дека е потребен период без избори.
Н.Б.З.