Фото: Принтскрин

Во моментов има 12 пожари на отворено, од кои четири се активни, еден е локализиран, а седум се изгаснати – објави ЦУК.

Активни се пожарите во Општина Прилеп: село Бешиште, каде е зафатена мешана шума, во Општина Македонски Брод во село Црешнево каде гори деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка под Солунска глава, помеѓу изворите на Бабуна и Бабина дупка – само чад во карпест дел (шумски пожар).

Во Општина Чучер Сандево: помеѓу село Блаце и село Чучер зафатена е мешана шума и ниска вегетација. За негово гаснење од утрово во пет часот  ангажирани се два полициски хеликоптера, еден армиски хеликоптер, како и три возила на Дирекцијата за заштита и спасување – еден хермелин со цистерна, еден пинцгауер на и едно теренско возило „амарок”, дејствуваат како поддршка на скопската БППЗ (Бригада за противпожарна заштита Скопје) која со повеќе пожарникари и возила го гаси големиот пожар на отворен простор на територијата на општина Чучер Сандево над магистралниот пат Скопје – Блаце, кој изби вчера во попладневните часови.

Како што изјави директорот на ДЗС Стојанче Ангелов, најверојатна причина за пожарот во оштина Чучер Сандево е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување.

-Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати – апелира Ангелов.

Доколку забележат пожар, посочи тој, граѓаните веднаш да се јават на бројот 112.

МВР утрово соопшти дека патниот сообраќај до граничниот премин Блаце ноќеска е нормализиран и укината е и забраната за товарните моторни возила и за автобусите. Сообраќајот на оваа делница синоќа поради пожарот над магистралниот пат А4 Скопје – Блаце кај тунелот, кој се прошири, беше пренасочен за патнички возила, а беше воведена забрана за товарни моторни возила.

Инаку, локализиране е пожарот во општина Делчево каде гореше Градска депонија.

Изгаснати се пожарите во Општина Сара во село Љубин каде гореше ниска вегетација и борова шума, во Општина Ѓорче Петров во населба Даме Груев, покрај река Лепенец каде беше зафатена ниска вегетација, потоа во Општина Карпош кај болницата во Бардовци каде гореа грмушки и ниска вегетација. Во Општина Прилеп пожарот кај Фабриката Партизанка со кој беше зафатена ниска вегетација и дрвен праг од железничка пруга, стрниште гореше во Општина Чешиново-Облешево во село Чешиново, како и ѓубре и ниска вегетација на ул.„Октомвриска револуција“ кај My market и гуми и ѓубре кај автопатот близу бензинска пумпа Макпетрол во општина Куманово.