Градоначалниците од Полошкиот Регион бараат зимскиот распуст да трае два месеца или евентуално да има онлајн-настава поради енергетската криза. Целта е да се заштеди кога сметките за струја се повисоки, како што истакна градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.
– Бидејќи сметките се три до четири пати повисоки од лани, идејата е во месеците кога е најстудено, во декември, јануари и февруари, ако е можно да се договориме со сите општини, зимскиот распуст да трае два месеца или да се размисли за можноста за дигитални алатки што ги користевме за време на пандемијата, со цел да заштедиме енергија. Распустот да биде во јануари и февруари или во декември и јануари, а учебната година да продолжи до 30 јуни и да почне на 15 август – кажа Таравари.
Барањето од Советот на Полошкиот Регион во кој спаѓаат девет општини се упатува до Министерството за образование и наука (МОН) и до Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).