Во Европската куќа во Скопје вчера се одржа панел за италијанско-македонските дипломатски односи и за соработката меѓу двете земји во областа на образованието.
Воведно обраќање на панелот имаше амбасадорот на Република Италија Андреа Силвестри. Тој ја подвлече важноста на италијанско-македонските билатерални односи, кои бележат постојан развој во сите сфери, вклучувајќи го и образованието. Според амбасадорот Силвестри, особено е значајно што во контекст на одбележувањето на 30-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји, два универзитети – Американ Колеџ Скопје и Католичкиот универзитет на Светото Срце од Милано, популарно познат како Универзитет Католика, воспоставија договор за размена и соработка.
Гостинот на панелот, деканот на Факултетот за политички и општествени науки при Универзитетот Католика од Милано проф. д-р Гвидо Мерѕони го истакна задоволството од договорот за двојна диплома за додипломски студии по политички науки и меѓународна комуникација потпишан со Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Со договорот се овозможува македонските студенти што завршиле две години од нивните студии во Скопје, да ја завршат третата година во Милано и да се стекнат со дипломи од двата универзитети.
Меѓу другото, деканот Мерѕони потсети и на фактот дека Универзитетот Католика е основан во 1921 година, има 12 факултети, 5 кампуси и соработка со значајни универзитети во светот. Тој е најголемиот приватен универзитет во Европа и најголемиот католички универзитет во светот.
Факултетот за политички и општествени науки при Универзитетот Католика со кој се потиша договор за двојна диплома е високорангиран меѓу најдобрите 200 во светот.
На панелот се обратија и проректорката на Универзитетот Американ Колеџ Скопје проф. д-р Венера Крлиу и деканот на Факултетот за политички науки при Универзитетот Американ Колеџ Скопје проф. д-р Иван Додовски. Како што истакнаа тие, покрај политолошки содржини, споменатата програма нуди интердисциплинарен пристап до знаења и вештини од економија и бизнис, дипломатија, историја, социјална психологија и светски јазици, профилирајќи идни професионалци за државни и меѓународни институции, тинк-тенк организации, медиуми и други установи во областа на домашната и глобалната политика.
Според заедничката оценка на учесниците на панелот, оваа најнова иницијатива ќе овозможи не само унапредување на квалитетот на македонското образование и нови можности за студирање, туку и продлабочување на врските меѓу двете земји.