Фото: „Нова Македонија“

Како противуставниот Закон за употреба на јазиците ја претвора унитарната држава Македонија во своевидна „јазична федерација“ во практиката

Врвните експерти македонисти од Институтот за македонски јазик уште во 2017 година предупредија: „Се воведува двојазичност на целата територија на РМ, иако во две третини од неа нема албанско население. Македонскиот јазик го губи својството на официјален јазик, на којшто ќе комуницираат сите етникуми“. Албанскиот јазик, спротивно на Уставот, добива преференции над сите други јазици во РМ, вклучувајќи го и македонскиот јазик

Свето Тоевски

Деновиве, пратеничката од албанската коалиција Вреди, Имерлие Салиу, го актуализира повторно прашањето на употребата на албанскиот јазик во Македонија. Таа изреагира, откако премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека ќе го разреши директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, Арсим Идризи, ако тој одбие уште еднаш да се обрати на македонски јазик. Во претходен инцидент во Собранието, Идризи не сакаше да проговори на македонски јазик пред новинарите, упатувајќи ги наместо тоа да чекаат писмено соопштение, а првин се произнесе на албански јазик.

Да се почитува Уставот, а за законите за кои има индикатори дека се спротивни на Уставот, да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста

Институтот за македонски јазик од 2017 година основано укажува дека „албанскиот јазик е издигнат над македонскиот и сите други јазици во РМ“, спротивно на Уставот, но противзаконски и со неспроведување на позитивното право, заради селективна правда, оваа пракса продолжува. Се поставува прашањето како? Многу јасен и многу директен одговор на ова прашање даде директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, Арсим Идризи, кој одби да се обрати на македонски јазик токму во централната, највисока институција на македонската држава. Токму човекот што како раководител на институцијата за употреба на јазиците е повикан и обврзан да го користи и да го почитува македонскиот јазик, го игнорираше.

Експертите потсетуваат дека од создавањето на државата Македонија македонскиот јазик бил 80 години јазик на општествената комуникација и еден од главните обележувачи на македонската државност. Но овие белези на македонскиот јазик ги има сѐ помалку, а такви се и нечиите стремежи… Македонскиот јазик не е повеќе единствен службен јазик на целата територија на Македонија, стремежите се тоа да се однесува и за албанскиот јазик, дури и во меѓународната комуникација да се користат двата јазика напоредно.

Во своја аналитичка статија, објавена во весникот „Нова Македонија“ на 10 февруари 2023 година, во врска со употребата на албанскиот јазик, академик Катица Ќулафкова вели дека воведената двојазичност „е воведување двонационалност во функционирањето и во претставувањето на државата“. Според неа, двојазичноста „го игнорира фактот дека со законот за јазикот, што го говорат 20 отсто од населението, кој е донесен во 2008 година, веќе се регулирани, дури и повеќе од оптимално, јазичните права и обврски на граѓаните и јазичните заедници во државава“.
– Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права во практиката од уставното право на македонските говорители. Со законот за јазиците е оштетено стекнатото историско културно, јазично и национално право на Македонците во однос на македонскиот јазик како службен државен јазик на територијата на целата држава. Тоа ја релативизира до степен на укинување обврската на граѓаните на Републиката да го учат македонскиот јазик и да го употребуваат во практиката. Македонскиот јазик е маргинализиран со Законот за јазиците – нагласи Ќулафкова во својата спомената статија.

Таа има предупредено дека Законот за јазиците ја загрозува функционалноста на државните установи, особено во делокругот на судството, централната власт, органите за безбедност и во меѓународната комуникација и легитимација на државата.
– Тој закон институционално ја деградира уставната позиција на македонскиот јазик како државен јазик, задолжителен за сите граѓани на Македонија, а со тоа и неговата улога на кохезивен чинител на државата и на општеството, за што се залага во своите ставови и МАНУ. Овој закон ги проблематизира унитарниот карактер на државата и функционалноста на државните институции – констатира, покрај другото, академик Катица Ќулафкова во таа статија.

Законот за јазиците директно го дерогира унитарниот карактер на Македонија утврден со Уставот!

Двата закона за јазиците, донесени во 2008 и 2018 година, уште од тогаш предизвикуваат многубројни и силни реакции во општествено-политичката јавност и секојдневната комуникација и практичното функционирање на државните и јавните институции и органи. Уште на 4 септември 2017 година седумнаесет професори македонисти од Институтот за македонски јазик се огласија со обраќање до Законодавноправната комисија, Комисијата за уставни прашања и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците при Собранието на Македонија, со категоричен став и барање: „Предлог-законот за употреба на јазиците треба да биде повлечен од натамошна постапка“.

Врвните експерти македонисти во тоа свое јавно истапување аргументираа: „Се воведува двојазичност на целата територија на РМ, иако во две третини од неа нема албанско население. Македонскиот јазик станува еден од службените јазици во РМ, со што го губи својството на официјален јазик, на којшто ќе комуницираат сите етникуми во РМ… Албанскиот јазик се издига над сите други јазици во РМ, вклучувајќи го и македонскиот јазик“. Ова барање од Институтот за македонски јазик наиде на игнорирање од политичарите и веќе во наредната 2018 година беше донесен новиот Закон за јазиците со уште попроблематични одредби.

Со прогласувањето на албанскиот јазик како официјален во употреба во целата земја и формално повеќе не е во примена принципот на „лингвистичка обединетост, поврзаност, согласност на целата државна територија, чија основа е македонскиот јазик“. Двојазичноста вообличува две „зони на лингвистичката територијалност“: сега постојат два државно официјални јазика – македонскиот и албанскиот, како и четири регионално официјални малцински јазици: српскиот, ромскиот, бошњачкиот и влашкиот јазик. Во значителен број општини и села со целосно албанско население и сега постојат „зони на еднојазичност“ – со употреба целосно или во најголема мера само на албанскиот јазик. Токму Законот за јазиците создава услови албанскиот јазик да си воспостави зони на сопствена „лингвистичка територијалност“. Поедноставно кажано, Законот за јазиците ја претвора унитарната држава Македонија во своевидна „јазична федерација“ во практиката!


Регионалните 70 јазици во Франција се признаени во Уставот, но ниеден од нив не е на ниеден начин признаен како службен во кој било дел од француската територија

Во Франција дел од нејзиното вкупно население од околу 68,6 милиони жители се и околу седум милиони Бретонци, околу 300 илјади Баски, оцитанската етничка група со околу 100 илјади жители… Нивните и други јазици во Франција се дел и од образовните програми во двојазичните училишта. Во својот труд „Франција и јазикот (јазиците): стари политики и нови предизвици во образованието. Кон возобновена рамка?“ Џемс Коста, лингвист од Универзитетот „Нова Сорбона“ од Париз, и Патриција Ламбер, лингвистка од Високата школа во Лион, Франција, нагласуваат дека „повеќе од 70 јазици се евидентирани во Франција“.
– Сепак, ниеден од нив не е на ниеден начин признаен како службен во кој било дел од француската територија…. Регионалните јазици во Франција сега се признаени во Уставот како дел од националното наследство, но тоа не им дозволува на нивните говорители никакво посебно право да го користат својот јазик во јавноста – укажуваат овие двајца реномирани лингвисти во својот научен труд.

Македонија не треба да биде нечие поле за крупни политички експерименти, ниту за опасни јазични експерименти. Исходот од навестената расправа за Законот за јазиците во Уставниот суд на Македонија ќе одреди што ќе се случува натаму околу тие јазични опити, кои се одвиваат веќе 17 години и кои сериозно го попречуваат нормалното функционирање на македонската држава, имајќи неизбежен одраз и врз меѓуетничките односи… С.Т.