Фото: Принтскрин

Две недели има намалување на бројот на заболени од грип, но сè уште е многу рано да кажеме дека сме го надминале пикот бидејќи минатата сезона имавме два пика. Можеби ова е првиот, можеби е и последен, но не значи дека нема да има нов пик и ново зголемување на бројот на заболени. Оваа сезона се регистрирани три смртни случаи – изјави денеска директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.

Таа посочи дека во текот на четвртата недела од оваа сезона продолжува трендот на намалување на бројот на заболени и инциденцата на заболувања слични на грип. Според податоците, во моментот во Македонија има среден интензитет на активност на вирусот.

– Во текот на четвртата недела од годината, во периодот од 19 јануари до 25 јануари, во Македонија се пријавени 1.708 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 17,2 проценти помалку во споредба со претходната недела кога бројот беше 2.062. Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со четвртата недела од минатата сезона е намален за 9,1 проценти, а во споредба со истата недела за 15-те поминати сезони е намален за 33,4 проценти – истакна д-р Андоновска.

Во однос на возрасната дистрибуција, појасни, 1.029 лица се на возраст од 15 до 64 години, 253 се лица на возраст над 65 години, 243 се деца на возраст од пет до 14 години, 183 деца се на возраст до четири години, а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.

– Во однос на градовите, во Дебар и во Кратово се бележи многу висока активност на грипот. Во Охрид, Кавадарци и во Струмица има висока активност, во девет града има средна активност, во 12 се бележи сезонска активност, а во два се бележи многу ниска активност – рече д-р Андоновска.

Таа потенцира дека и натаму продолжуваат да важат препораките на ИЈЗ за лицата да се заштитат, а тоа е да се избегнуваат собирања во простории во кои има повеќе лица или доколку е потребно да бидат во такви простории, да носат маска.

– Особено да водат сметка и да внимаваат на здравјето ранливите категории – повозрасните лица над 65 години, хронично болните, децата, трудниците. Доколку имаат сомнеж дека некое лице е заболено или покажува симптоми, треба да се избегнуваат контакти со него. Оние што се веќе дијагностицирани или имаат грип, треба да останат дома. Децата да не се носат на училиште ако имаат симптоми со цел побргу да закрепнат и да нема трансмисија на вирусот, да не го пренесуваат. Нашите препораки се исти како и претходно – да се остане дома, да се одмора и да се следат советите од матичниот лекар – додаде д-р Андоновска.