Фото: МИА

Двајца македонски државјани се повредени во земјотресот во Турција. Според информациите од МНР, се работи за ученици кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Турција.

-Министерството за надворешни работи преку својата Амбасада во Анкара и преку Генералниот конзулат во Истанбул обезбеди информации и стапи во контакт со деветтемина наши државјани што се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот двајца од учениците добиле телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница, на која во моментот работат медицински лица и е во фаза на санирање, а вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност.

Досега нема информација за други наши државјани што се наоѓаат во загрозена состојба или на кои им е потребна асистенција, но нашите претставништва остануваат во континуирана комуникација како со надлежните институции на Турција така и со наши граѓани, кои се информираат и кои информираат за состојбите на терен. По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции.

Ја користиме можноста уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС-телефонот на МНР во Скопје 38975273732“, велат од МНР.