Илустрација / Фото: Маја Јаневска -Илиева

Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе ги разгледува двете пристигнати пријави по јавниот оглас за избор на претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Според информациите што вчера ги објави МИА, на огласот се пријавиле Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш, и Шамил Реџепи, кој е вработен во Регулаторната комисија за енергетика.

Јавниот оглас беше распишан по оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски, кој ќе продолжи да ја извршува функцијата до изборот на негов наследник.

Согласно Законот за енергетика, по разгледувањето на пријавите, комисијата ќе предложи кандидат до Собрание на Македонија, кое ќе го донесе конечниот избор.

Изборот на новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика се очекува да биде на пленарната седница закажана за в среда.