Фото: Принтскрин

Комисијата за прашања на изборите и именувањата утврди двајца кандидати кои ќе продолжат во процедурата за избор на член на Судски совет на Република Македонија што го избира Собрание на Република Македонија.

На седницата со која претседаваше заменик-претседателката на Комисијата, Дафина Стојаноска, членовите го прифатија предлогот на пратеникот Беким Ќоку. Како кандидати кои ќе бидат предложени до Собранието беа утврдени Арбер Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово, и Сејфула Османи, доктор по правни науки со положен правосуден испит од Градец, Општина Врапчиште, пренесе МИА.

Собранието на пленарна седница треба да донесе конечна одлука за избор на еден член на Судскиот совет.

Во пресрет на седницата, Стојаноска потсети дека на 26 јануари се одржала јавна расправа за претставување на кандидатите кои ги исполнуваат условите за член на Судскиот совет што го избира Собранието.

– Покрај претседателот и членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на јавната расправа присуствуваа и поставуваа прашања до кандидатите и претставниците од здружението на судиите, адвокатската комора, граѓански организации кои работаат во областа на правосудството, владеењето на правото и чпвековите права, претставници од медиумите и академската заедница. Со секој од кандидатите се водеше структуирана расправа и се водеше сметка за еднаков и фер однос кон сите кандидати – истакна Стојаноска.

Арбер Исаку во својата кариера работел во приватниот сектор, но и во државни институции, во Владата, Собранието и во Министерство за животна средина и просторно планирање на Македонија, каде ја извршувал функцијата шеф на кабинет.

Професорот Сејфула Османи, пак, во својата кариера работел како судија во Основен суд Гостивар, а бил и адвокат и универзитетски професор.