Традиционалната културна манифестација „Ден на македонската поезија во Шведска“ ќе се одржи денеска во Градската библиотека во Гетеборг. Манифестацијата се одвива под покровителство на Македонскиот сојуз во Шведска, а годинава го одбележува својот 35-годишен јубилеј.
Во рамки на програмата на годинашното издание ќе настапат дваесетина поети, а како гостин од Македонија ќе учествува познатиот македонски поет и писател Стефан Марковски, автор на повеќе книги и добитник на значајни награди за своето творештво.
– Амфитеатрaлната сала во Градската библиотека во Гетеборг нуди одлични услови за поетско читање, а и годинава се надеваме на добар одѕив и посетеност од страна на љубителите на литературната уметност – вели Ивица Челиковиќ секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.
Меѓу учесниците во програмата, освен авторите по потекло од Македонија кои живеат во Шведска, ќе настапат и повеќемина поети од други националности, меѓу кои и неколкумина членови на Писателскиот центар во западна Шведска. Во рамки на програмата ќе настапат и ученици од македонско потекло со музички и рецитаторски изведби од познати македонски писатели.
За денеска е планирано да се одржи и годишно собрание на Македонското поетско друштво „Дениција“ со седиште во Гетеборг, кое се грижи за програмските подготовки на манифестацијата.