Фото: Маја Јаневска-Илиева

Два хеликоптери на Армијата на Македонија утрово го гаснат пожарот на планината Јабланица кој трет ден гори во близина на селата Радолишта и Фјеришта, соопшти Центарот за управување со кризи.

Поради непристапноста на теренот Територијалната противпожарна единица Струга, според командирот, Фети Мазари, побарале помош за гасење од воздух.

– Теренот е непристапен, два дена го гасиме од копно заедно со екипи на Македонски шуми. Вчера побарав од Центарот за управување со кризи помош за гаснење од воздух – изјави Мазари, нагласувајќи дека не постои опасност од зафаќање на селата.

ЦУК соопшти дека во исто време, во регионот на Струга е евидентиран и друг активен пожар во селото Боговица, каде што надлежните служби дејствуваат со копнени сили.

Општина Струга упати апел до граѓаните да покажат максимална внимателност и целосна одговорност.

– Палењето оган во планина, на ниви или на отворен простор е строго забрането. Секое такво дејствие претставува сериозен ризик за природата, имотот и животите на луѓето – соопшти Општина Струга.

Надлежните институции, посочуваат, се на терен и остануваат ангажирани сè до целосно стабилизирање на состојбата, а против секое лице што ќе предизвика пожар или ќе постапува неодговорно ќе бидат преземени строги законски мерки.