Центарот за психологија, психотерапија, советување и едукација „Совршен круг” од Скопје ја организира првата научно-стручна конференција за психологија и психотерапија – 15 години „Совршен круг“: психолошките методи на современото живеење. Конференцијата со тема „Душата низ психолошките методи на современото живеење!” е плод на петнаесетгодишната успешна научно-стручна, психолошко-психотераписка и едукативна дејност на центарот, кој е оформен во 2009 година.
-Но, „Совршен круг“ не е само 15-годишно искуство, туку доаѓа како природен след на долгогодишната работа на полето на психологијата и психотерапијата – вели основачот и претседател проф. д-р Мирослав Пендароски, европски сертифициран психотерапевт.
Неговата психолошка кариера почна уште во 2000 година, а по неколкугодишната психотераписка и едукативна пракса, Пендароски заедно со неколку едуканти од тој период ја оформи оваа денес веќе искусна и успешна организација.
– Има и една мала анегдота, која после 15 години си ја раскажуваме како интересен момент од оформувањето на центарот, за кој многу луѓе имаат впечаток дека има впечатливо и интересно име! Имено, во 2009 година кога ја добив идејата за оформување на еден таков центар, ги собрав своите едуканти и колеги со предлог да направиме еден конститутивен состанок за формирање на организацијата, на кој дојдее на ред и прашањето за името! При тие предлози еден драг пријател и едукант го кажа името Совршен круг, па на моето прашање зошто баш така, тој се насмевна и рече: „Па кога влегов во просторијава сите ми изгледаа некако совршено и надмено и си реков каде дојдов јас?” Се разбира дека тоа воопшто не е така, туку напротив. Во нашиот центар луѓето секогаш се чувствуваат свои и никој нокого никогаш не осудил, навредил, потценил и сл. Напротив, и јас самиот како човек, во едно вакво време на (не)скромност ја уважувам токму скромноста бидејќи за нашиот квалитет треба да судат другите, а не самите ние! Во „Совршен круг“ сите се еднакви. На тоа укажува и фактот дека од формален, но и суштински аспект, токму единствено нешто кое е близу до совршенството е токму кругот! Во кругот сите се еднакви, никој не чувствува дека е напред, или назад, сите се гледаат в лице и чувствуваат припадност – вели Пендаровски.
„Совршен круг“ досега има организирано и спроведено неколку едукативни, психолошко-психотераписки програми, развиени во оригинални модули. Преку основната стручна психолошко-психотераписка програма која се состои од две нивоа/степени („Системска еклектика за здрава и целовита личност) и која се спроведува од самиот почеток, досега се имаат едуцирано над 250 едуканти во 20-тина едукативни групи од прво ниво/степен и над 70-тина едуканти од второ ниво/степен во 10-тина едукативни групи. „Совршен круг“ спроведува и специјализирани едукации и искуствени работилници од системските семејни констелации во оригинално структурирана едукација од 7 модули.
-Овие системско-динамски констелации се одржуваат во вид на семинари и работилници од 2015 година и досега во склоп на оваа програма се имаат едуцирано над 100 едуканти во Македонија и над 100 стручни лица од Република Хрватска и регионот. Од последнава година, „Совршен круг“ започна специјализирана едукација за работа со сонови – „Метод на линија на помал отпор во работа со соништа”, чиј автор сум јас и досега е завршен првиот циклус од пет модули и обучени се тринаесет едуканти. Освен овие програми и едукации, „Совршен круг“ спроведува и клиничка психотераписка пракса со индивидуални клиенти а спроведува и низа тим-билдинзи, комуникациски работилници од разни области: психологија на личноста, личен раст и развој, психологија на спортот, комуникациски вештини и др – вели Пендаровски.
Сето погоре наведено, додава тој, немаше да биде можно без несебичното и посветено присуство на едукантите, соработниците, клиентите, учесниците на сите спроведени активности.
-Оттаму произлезе и оваа јубилејна научна конференциј. Замислата за оваа конференција, како прва и јубилејна беше да ги истакне научните и стручни вредности пред се на нашите едуканти, едукантите и соработниците на „Совршен круг“. На нашата јубилејна конференција ќе се презентираат 19 трудови, од кои четири пленарни предавања, девет усни научно-стручни излагања и шест работилници. Наши пленарни, главни предавачи се успешни и докажани специјалисти и професионалци од областа на психологијата и психотерапијата: нашата позната професорка емерита (редовен проф. во пензија) и може слободно да се каже легенда на македонската психологија, проф. д-р Олга Мурџева Шкариќ, докажаните и успешни Гешталт европски сертифицирани тренери Лидија Попчева и м-р Снежана Андреева- вели Пендароски, кој исто така ќе биде еден од презентерите. Во двете научно-стручни сесии ќе бидат прикажани и дискутирани интересни и важни теми од областа на: здравствената и клиничката психологија, менталното здравје и психологијата во социјалната заштита, психотерапијата, психофармакологијата итн.
-Работилниците нудат најразлични теми од неколку методолошки приоди за личен развој, советување и психотерапија, па се до системски-семејни констелации и спортска психологија. Конференцијата ќе се одржи на 21 и 22 септември (сабота, недела) со почеток од 9.30 часот. Сите податоци за пријавување заинтересираните можат да ги најдат на нашите страници на Фејсбук и на Инстаграм – додава Пендаровски.