Викендов во Скопје
Центарот за психологија, психотерапија, советување и едукација „Совршен круг“ од Скопје претстојниот викенд ќе ја организира првата научно-стручна конференција за психологија и психотерапија – „15 години ’Совршен круг‘: психолошките методи на современото живеење“. Конференцијата со темата „Душата низ психолошките методи на современото живеење!“ е плод на петнаесетгодишната успешна научно-стручна, психолошко-психотераписка и едукативна дејност на центарот, кој е оформен во 2009 година.
– Овие системско-динамски констелации се одржуваат во вид на семинари и работилници од 2015 година и досега во склоп на оваа програма се имаат едуцирано над 100 едуканти во Македонија и над 100 стручни лица од Хрватска и од регионот. Од последнава година, „Совршен круг“ започна специјализирана едукација за работа со сонови – „Метод на линија на помал отпор во работа со соништа“, чиј автор сум јас и досега е завршен првиот циклус од пет модули и обучени се тринаесет едуканти. „Совршен круг“ спроведува и клиничка психотераписка пракса со индивидуални клиенти, како и низа тим-билдинзи, комуникациски работилници од разни области: психологија на личноста, личен раст и развој, психологија на спортот, комуникациски вештини и друго. На нашата јубилејна конференција ќе се презентираат 19 труда, од кои четири пленарни предавања, девет усни научно-стручни излагања и шест работилници – вели основачот и претседател, проф. д-р Мирослав Пендароски, европски сертифициран психотерапевт, кој исто така ќе биде еден од презентерите.
Пленарни, главни предавачи на конференцијата се успешни и докажани специјалисти и професионалци од областа на психологијата и психотерапијата: проф. д-р Олга Мурџева Шкариќ, Лидија Попчева и м-р Снежана Андреева. Во двете научно-стручни сесии ќе бидат прикажани и дискутирани интересни и важни теми од областа на: здравствената и клиничката психологија, менталното здравје и психологијата во социјалната заштита, психотерапијата, психофармакологијата итн. Работилниците нудат најразлични теми од неколку методолошки приоди за личен развој, советување и психотерапија, па сѐ до системски-семејни констелации и спортска психологија. Конференцијата ќе се одржи на 21 и 22 септември (сабота, недела) со почеток од 9.30 часот. Сите податоци за пријавување заинтересираните можат да ги најдат на страниците на центарот на Фејсбук и на Инстаграм. Н.М.