Сведоци сме на раниот, но брз раст на платформската економија. За многу од нашите граѓани – особено младите – дигиталните платформи нудат влез на пазарот на трудот, честопати обезбедувајќи приход таму каде што традиционалните работни места може да бидат ретки. Студенти, фриленсери, возачи на достава, креатори на содржини – сите тие стануваат дел од оваа нова дигитална работна сила, рече министерот за економија Бесар Дурмиши во денешното обраќање на 113. сесија на Меѓународната конференција на трудот во Женева, организирана од Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Дурмиши го истакна значењето на темата за пристојна работа во рамки на платформската економија, нагласувајќи дека ова прашање станува се поактуелно со оглед на брзата дигитална трансформација на пазарот на трудот.
– Во земјава платформската економија веќе нуди можности за вклучување на младите и ранливите групи во пазарот на трудот. Сепак, работниците на дигиталните платформи често остануваат без формални договори, здравствено осигурување, пензиски придонеси и основни работнички права. Затоа, Владата почна широк и инклузивен дијалог со сите засегнати страни за да се создадат правни и политички решенија кои ќе овозможат социјална и економска заштита, без притоа да се загрози иновацијата. Ќе го преиспитаме нашето трудово законодавство со јасна намера: да ги прошириме правата и заштитата на работниците кои моментално се надвор од традиционалните рамки. Во исто време, истражуваме модели за фер оданочување и социјални придонеси, така што работниците на платформите имаат пристап до истите безбедносни мрежи како и секој друг работник. Дигиталната писменост и развојот на вештини, исто така, станаа национален приоритет, особено за ранливите групи кои ризикуваат да бидат изостанати во оваа транзиција – напомена Дурмиши.
Според него, најважно од сѐ е да се зачуваат основните права на сите работници – вклучувајќи го правото на фер услови за работа, правото на организирање и правото на колективно договарање, без оглед на тоа дали работата се извршува на улица, во канцеларија или преку интернет.
– Северна Македонија силно ги поддржува напорите на МОТ за обезбедување меѓународни упатства и стандарди за овие итни прашања. Веруваме дека пристојната работа мора да биде основа на секоја иднина на работата – без разлика дали е физичка или дигитална.Затоа, да работиме заедно за да се осигураме дека ниеден работник не е невидлив, ниедна работа не е без достоинство и ниедна иднина не се гради без правда – заклучи министерот Дурмиши.