Казните предвидени со Законот за забрана на нефер трговските практики ќе бидат зголемени десеткратно доколку трговците продолжат со непочитување на законските одредби. Врз основа на постојната регулатива, Комисијата за заштита на конкуренцијата досега изрече 30 казни на четири компании за картелско здружување, а за нивните постапки во моментов се очекуваат судски одлуки, изјави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, одговарајќи на пратеничко прашање од Димитар Ковачевски од СДСМ.
Ковачевски побара конкретни мерки со јасно утврдени рокови преку кои Владата ќе обезбеди доследна примена на Законот за забрана на нефер трговските практики, со цел да се спречат неоправданите и драстични ценовни разлики кај идентични производи, како и растот на цените во малопродажбата. Тој праша и дали Комисијата за заштита на конкуренцијата е соодветно екипирана за навремено препознавање на практиките што ги применуваат големите трговски синџири.
-Две години по стапувањето во сила, на терен се забележуваат сериозни отстапувања. Според податоците на Државниот завод за статистика, цените на храната бележат двоцифрен пораст, при што индексот на трошоци кај храната и безалкохолните пијалаци во одредени месеци надминуваше 10 проценти на годишно ниво. Тоа се одразува и на висината на потрошувачката кошничка, која надмина 1.000 евра месечно по семејство, без разлика дали во неа е вклучена кирија или не, во согласност со дебатата што се води на Економско-социјалниот совет. Истовремено, домашните производители укажуваат на притисоци врз откупните цени и дополнителни трошоци – истакна Ковачевски.
Во одговорот, министерот Дурмиши посочи дека Законот за нефер трговските практики е во сила од јануари 2025 година и дека неговата примена веќе се следи, а мониторингот ќе продолжи и во наредниот период. Со законското решение се опфатени над 2.000 производи за кои трговците се должни да ги почитуваат пропишаните правила. Тој потсети дека КЗК изрекла 30 казни за картелско здружување и координирано зголемување на цените, што влијаело и врз останатите трговци, при што предметите сега се наоѓаат во судска постапка. Дурмиши нагласи дека доколку ваквото однесување продолжи, ќе следуваат законски измени со значително повисоки казни.
Министерот информираше и дека во јануари е евидентирано намалување на инфлацијата од 0,7 проценти, што укажува на стабилизација на цените, додавајќи дека Владата ќе интервенира со нови мерки доколку тоа се покаже како неопходно. Воедно, бројот на членови на Комисијата за заштита на конкуренцијата е зголемен од три на седум, со цел таа да функционира по европски стандарди.
Дурмиши ја оцени и синдикалната потрошувачка кошничка како „елитистичка“, посочувајќи дека не претставува минимална кошничка и дека тоа го потврдуваат и авторите на методологијата. По седницата на Економско-социјалниот совет, тој соопшти дека владината просечна потрошувачка кошничка е за 13 проценти поевтина од онаа на Сојузот на синдикатите на Македонија и, доколку биде прифатена, се очекува да започне со примена од крајот на месецот. Таа опфаќа 101 производ и, според министерот, ги отсликува реалните минимални месечни трошоци на едно семејство, – пренесе МИА.
































