Демократската унија за интеграција најостро го осудува насилството што, како што се вели во соопштението, денес на седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието го извршија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијансата за Албанците.
-Секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем. Денес на седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии употребуваат насилство за да ја блокираат работата на Комисијата и тоа токму пратеници кои се под истрага поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата. ДУИ ги информира граѓаните и пошироката јавност дека Собранието ќе продолжи да функционира во прозападен евро-американски дух и ќе ја поддржи реализацијата на реформската агенда во партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија – велат од партијата.