Демократскиот сојуз (ДС) смета дека наш врвен национален, стратешки и државен интерес се одржување предвремени парламентарни избори и договор за стратешките правци на Македонија. Со најбитната цел – Македонија да се придвижи напред!
-Компромисот е одржување парламентарни избори во септември. Тој компромис зависи од СДСМ и ДУИ, чија главна цел е да останат на власт уште неколку месеци по цена и на целосен колапс на државата. Македонија направи тешки и болни отстапки и компромиси, од промена на Уставот, знамето, името, склучување на Преспанскиот договор, па и потпишување на контроверзниот договор за добрососедство со Бугарија. Сите тие компромиси и отстапки беа непринципиелни и надвор од европските и цивилизациските вредности и не обезбедија отворање на вратите на Европската Унија. За последните условувања, промена на Уставот со цел Бугарите да бидат внесени во него, без реципроцитет и гаранции од ЕУ, нема компромис – стои во соопштението на ДС.
СДСМ и ДУИ, велат оттаму, цела година темата за уставни промени ја држат отворена на највисоко ниво, но досега не подготвија ниту доставија предлог за уставни промени до Парламентот.
-Едноставно кажано, уставните измени ги користат за замајување на јавноста и дискредитација пред меѓународниот фактор на сите што не прифаќаат уставни измени под диктат и блокада на евроинтеграциите од страна на Бугарија. Затоа, Демократскиот сојуз предлага: Прво, договор за стратешките цели и коренити реформи во правосудниот систем, владеење на правото, борба против криминалот и департизација на сите институции. Второ, донесување нов Устав, ослободен од Бадентер, балансер и други решенија кои ја задушуваат демократијата и развојот на државата. Трето, одржување парламентарни избори во септември – стои во соопштението.
По изборите, веднаш формирање коалициона Влада, велат од ДС, составена од сите партии застапени во Собранието, со тоа што премиерот да го предложи партијата/партиите кои ќе имаат најголем број пратеници.
-Само нова Влада со силен политички и развоен концепт може да ја извлече државата од кризата во која сѐ повеќе запаѓаме и да отвори перспективи за сите, посебно за младите. Обединувањето е неопходно за да ги заштитиме нашите витални национални интереси. Македонија треба да ги искористи геостратешките раздвижувања и да бара прием во ЕУ во следните две до три години – велат од партијата.