Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од 13 до 19 март изврши над 650 инспекциски надзори на целата територија на државата при што наплати и издаде повеќе од 175 прекршочни платни налози со вредност над 6.230.000 денари.
Според ДПИ, во горенаведениот период се извршени над 530 инспекциски надзори и контроли по одлуките за посебни услови за трговија на одделни стоки. Во некои економски субјекти се констатирани прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 1.750.000 денари.
– Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед и одлуките за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало. Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори во согласност со своите надлежности. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на законите по кои постапува пазарниот инспекторат – се наведува во соопштението.
ДПИ нагласува дека како институција ќе ги ангажира сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи.
– Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа. Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет – нагласува ДПИ.