Шанса за почнување со реорганизација на системот за справување со идни непогоди
Стивнувањето на пожарите им дава шанса на надлежните накратко да здивнат, по големите предизвици во текот на летните месеци, но не предолго, бидејќи останува итноста за спроведување реформи на системот за управување со кризи, за кои постојано се апелира. Треба да се утврдат моменталните капацитети и недостатоци и да се тргне во сеопфатна работа, без одложување и потиснување на реформите до појавата на идна кризна ситуација
Извештаите од почетокот на седмицава на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата со пожарите, кои ја држеа Македонија на штрек цело лето, се сведуваат главно на констатацијата дека предесенските дождови „успешно се справиле со предизвикот“. Стивнувањето на пожарите им дава шанса на надлежните накратко да здивнат, по големите предизвици во текот на летните месеци, но не предолго, бидејќи останува итноста за спроведување реформи на системот за управување со кризи, за кои постојано се апелира. Треба да се утврдат моменталните капацитети и недостатоци и да се тргне во сеопфатна работа, без одложување и потиснување на реформите до појавата на идна кризна ситуација.
ДЗС сведен на еден функционален противпожарен авион
Во текот на најголемата криза со пожарите летово, во неколку наврати беше активирана меѓународна помош, односно системот за цивилна заштита на ЕУ, па во гаснењето на огновите низ Македонија учествуваа воздухоплови за таа намена од повеќе соседни земји. Она што остана како впечаток во јавноста за сопствениот систем за справување со кризи, во миговите кога изби огнената стихија, беше нефункционалноста од административни причини на противпожарните воздухоплови на ЦУК. Противпожарните летала не можеа да се стават во функција, зашто пилотите законски заминале во пензија, а административната форма за продолжување на нивниот ангажман беше условена од политичките процеси. А сега, првите луѓе на ДЗС и на ЦУК информираат дека противпожарната аерофлота повторно е сведена на еден авион.
Директорот на ДЗС, Џевад Селами, неодамна информира дека моментално располагаат само со еден функционален авион „ертрактор“ од трите што ги поседува Дирекцијата. Како што посочи Селами, пред неколку дена биле повикани механичари од Шпанија и ги поправиле авионите, но следниот ден се појавил истиот проблем.
– Едниот авион треба да се сервисира, а другиот авион го поправивме пред три дена во Прилеп кога оперираа два авиона. Повикав механичари од Шпанија, тие ги поправија авионите и истиот ден работеа, но пак се појави истиот проблем.
Моментално само едниот авион е во употреба, а за другиот мора да почекаме до утре да видиме каква ќе биде состојбата и дали ќе може да лета или не – ја опиша Селами во еден миг оперативната состојба на својата дирекција.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во извесна мера го поддржа директорот на ДЗС, изјавувајќи дека во моментов нема потреба од дополнителни летала. Едниот функционален „ертрактор“, како што рече Ангелов, моментално се користи превентивно за гаснење на пожарот во Прилепско.
Реформите да не останат за наредното лето
Во екот на пожарите повторно беше отворена „схоластичката“ дебата за реформирање на системот за управување со кризи. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, речиси во секое интервју во текот на летото потсетуваше дека веќе четири години постојано зборува за потребата од реформи на целиот систем, кои обично почнувале со искрени намери и поддршка од политичкиот врв, но во меѓувреме биле потиснувани од други приоритети и итни состојби за решавање.
Во насока на преземање чекори за реформа на системот за управување со кризи, минатиот месец беше донесена и владина одлука за спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Според Владата, овој потег ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина.
– Прв чекор што направивме е дека донесовме одлука ДЗС и ЦУК да почнат процес на фузионирање, оптимизирање, прво на кадарот, а второ да имаме една институција што во услови на кризен менаџмент ќе знае како да дејствува по определени протоколи – изјави премиерот Христијан Мицкоски, објавувајќи ја одлуката.
Сепак, досегашното искуство предупредува дека реформите нема да се спроведат сами од себе и во екот на нова кризна ситуација, туку се потребни континуиран интерес и поддршка на оперативен план, пред сѐ на владино ниво.
– Јас во многу мои интервјуа во последните три години кажувам дека е потребно да се формира нова институција, која ќе ги обедини функциите на двете постојни – Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Ние на некои места малку се преклопуваме во нашите надлежности, а одредени простори се празни. Тие треба да ги пополни Дирекцијата за заштита и спасување, но во реалноста не постои тоа. Ние имаме сѐ, само немаме луѓе што ќе излезат на терен да завршат работа. Зборувам во делот на кризниот менаџмент. Мојот став е дека составен дел на новата институција што ќе ги обедини функциите на двете постојни е формирање специјална единица за заштита и спасување – вели во едно од интервјуата на оваа тема директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.