Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина ЗПЗСУ ПДДМ алармира дека доведена е во прашање важноста на лиценците за работа на сите стоматолози во нашата држава кои релиценцирале со сертификати издадени од фиктивни здруженија кои не биле регистрирани во централниот регистар на Македонија.
Од ЗПЗСУ-ПДДМ информираат дека нивното повеќегодишното алармирање за неправилности на Стоматолошка комора на Македонија се потврди преку извештајот 17-2579/1 од 25.02.2025 на Министерството за здравство со кој, како што се посочува, се констатирани огромен број на неправилности и противзаконско работење на Стоматолошка комора на Македонија.
– Стоматолошка комора на Македонија т.е Претседателот на комората во периодот од 2018 до 2025 спротивно на член 23, член 24 и член 25 од Правилник за облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите на континуирано стручно усовршување за обновување на лиценцата за работа за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата („Службен весник на РСМ“ бр.217/20), склучил 26 договори, 4 се со Универзитети, а останатите 19 договори се со здруженија кои не се регистрирани во Централниот регистар на РСМ, кои немаат сопствена активна жиро-сметка и не ги исполнуваат критериумите од погоре спомнатите членови од Правилникот- се вели во соопштението од ЗПЗСУ ПДДМ.
Најголемиот скандал, се вели во соопштението од ЗПЗСУ ПДДМ, е што Стоматолошка комора воопшто да поседува решение за јавно овластување издадено од Министерството за здравство согласно член 262 став 2 и став 3 од Законот за здравствена заштита.
-Бараме министерот за здравство во најкраток можен рок, а согласно законот за здравствена заштита по службена должност да издаде решение за прекин на извршувањето на јавните овластувања на Стоматолошка комора на Македонија и да ги преземе во своја надлежност, а за сите констатирани неправилности да се известат надлежните органи како јавното обвинителство, државниот ревизор, финансовата полиција со цел да се расчистат основаните сомненија за кривични дела кои произлегуваат од констатираните факти и докази при направениот надзор- се вели во соопштението од ЗПЗСУ ПДДМ.