СТЕМ Академија која е единствената глобално акредитирана организација за СТЕМ образование во земјава, организира донаторски настан за поддршка на националните роботски тимови, составени од млади до 18 години, за учество на Глобалната светска роботска олимпијада – MRC Global Olympiad.
Настанот за прибирање на донации ќе се одржи на 24 февруари 2025 година (понеделник) во Beer Garden, Скопје со почеток во 19 часот. Домаќин и водител ќе биде Сашко Коцев, а бендот Unlimited ќе ја донесе музичката магија. Настанот е од отворен карактер и поканети се да присуствуваат сите граѓани кои сакаат да дадат поддршка на младите таленти на СТЕМ.
Присутните ќе имаат ексклузивна можност да ги запознаат младите таленти и да ги видат роботските креации што децата ги изработија во изминатиот период и со кои ќе учествуваат на олимпијадата за роботика што ќе се одржи во април година на Крит, Грција.
Тимовите на СТЕМ Академија и минатата година учествуваа на Глобалната олимпијада каде во конкуренција од 1450 тимови во 19 категории, освоија прво и второ место во категоријата Pentathlon Arena и награда за најдобра презентација во категорија Exhibition.