Фото: „Нова Македонија“

Откако вчера вицепремиерот Арбен Фетаи рече дека Обвинителството треба да го повика на распит првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, бидејќи тој во изјава за јавноста кажа дека знаел за локацијата на Артан Груби, се огласија од Републичкото Јавно обвинителство.

Оттаму информираа дека домашните и меѓународните органи, ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по Груби, вклучително и повикување на разговор на други лица кои би имале сознанија за неговата локација.

– Јавното обвинителство издаде наредби за распишување национална и меѓународна потерница за осомниченото лице. Домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот – информираа од Обвинителството.

Вчера, Фетаи рече дека обвинителството има законска обврска да го повика Ахмети.

– Али Ахмети изјави дека има сознанија за локацијата на Артан Груби, по кого има меѓународна потерница. Јавното обвинителство, врз основа на оваа јавна изјава, има законска обврска да го повика Али Ахмети да го праша каде се наоѓа лицето кое го гони правдата на државата – напиша Фетаи.

Премиерот Христијан Мицкоски денес во изјава за медиумите рече дека се надева оти Обвинителството ќе го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети кој, како што пренесоа вчера косовските медиуми, изјавил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби се наоѓа на албанска територија и дека ќе се врати во земјава само ако нема одмазничка и селективна правда.

– Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во којашто ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот дека ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. За се останато можам да дадам коментар дека на секого во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии изминативе седум години. Истите тие без кои не можеше да помина квалификацијата преку Акадијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон. Да потсетам – именуваното лице бегалец се наоѓа на листата на санкции на САД и таму јавно велат дека ова лице заедно со едно друго се поврзуваат со големи коруптивни скандали. Претпоставувам дека нема да го обвинат и Стејт депарментот дека прави политички прогон – изјави денеска Мицкоски.

Според премиерот, најлесен начин да се докаже дали некој е виновен или не, е да дојде, да даде исказ и да се соочи со правдата.

– Нема ништо лошо во тоа да дојдеш и да кажеш дали си во право или не, а обвинителите и судиите да одлучат понатаму што и како. Ние не се мешаме, тие нека одлучат врз основа на доказите што ќе ги добијат од истрагата – рече Мицкоски.