Интервју со Лили Стојановска, професорка на Универзитетот „Викторија“ во Мелбурн, ендокринолог и нутриционист
Професорката Лили Стојановска завршила гимназија и Факултет за применета наука во Австралија. Магистрирала во САД, а своите дипломи ги има нострифицирано со полагање дополнителни испити во Белград во областа на молекуларната биологија уште во времето на постоењето на поранешна Југославија. Докторатот го има одбрането во Австралија. Но сите нејзини научни истражувања, магистратурата и докторатот се на темата ендокринологија. Научната работа на професорката д-р Лили Стојановска првично била фокусирана на ендокринолошките проблеми кај жените по 45-та година, со промените што настануваат со менопаузата, со промените во хормоналниот статус. Но со својата научна и практична дејност ја проширува својата специјалност, односно ја применува во барањето решенија за имунолошките проблеми, поврзувајќи ги со нутриционизмот – за сето свое искуство сега да го насочи во истражувањето начини како да живееме подобро и подолго
Универзитетската професорка, ендокринолог и нутриционист Лили Стојановска (вели дека само во пасошот го „користи“ целосното име – Лилјана) своите научни истражувања и искуства во областа на ендокринологијата, а последниве години ги надоврзува и во имунологијата, ги има претставено во повеќе од триесетина публикации, кои можат да се најдат на англиски јазик на интернет, додека можност да ги слушнат и да учат од нејзините сознанија имале студенти на универзитети речиси од целиот свет. Научните трудови на д-р Стојановска го имаат импакт-факторот 38 од максималните 40. Нејзин „матичен“ универзитет е универзитетот „Викторија“ во Мелбурн (каде што се доселила од Македонија како средношколка), но во својот научен профил ја има референцата на предавач на универзитети од сите континенти. Таа е почесен професор на неколку универзитети во повеќе земји, во Северна и Јужна Америка. Во Македонија е почесен професор на еден од институтите за кардиологија, а соработува со кардиолози од Македонија. Професорка е на еден од најголемите универзитети во Обединетите Арапски Емирати, во Дубаи. Има работено и на универзитети во Хонгконг, на Тајланд…
Професорката Лили Стојановска завршила гимназија и Факултет за применета наука во Австралија. Магистрирала во САД, а своите дипломи ги има нострифицирано со полагање дополнителни испити во Белград во областа на молекуларната биологија уште во времето на постоењето на поранешна Југославија. Докторатот го има одбрането во Австралија. Но сите нејзини научни истражувања, магистратурата и докторатот се на темата ендокринологија.
Научната работа на професорката д-р Лили Стојановска првично била фокусирана на ендокринолошките проблеми кај жените по 45-та година, со промените што настануваат со менопаузата, со промените во хормоналниот статус. Но со својата научна и практична дејност ја проширува својата специјалност, односно ја применува во барањето решенија за имунолошките проблеми, поврзувајќи ги со нутриционизмот – за сето свое искуство сега да го насочи во истражувањето начини како да живееме подобро и подолго.
– Уште пред појавата на коронавирусот, а особено во пандемијата, поголемо внимание почна да се посветува на имунологијата, па во моите истражувања се насочив да откријам како вирусите имунолошки влијаат на нашето тело. Односно како полесно да се справиме со вирусите ако ги добиеме, но пред сѐ, како да ги избегнеме. Со појавата на ковидот, нутриционизмот и додатоците во исхраната стануваат една паралелна линија со медикаментозните третмани. На еден пациент му се даваат специјални медикаментозни третмани, но има истражувања дека со многу големи дози витамин Д, Б и Ц може многу подобро да се сузбијат симптомите од ковид. Тука е тоа поврзување. Гледате на кој начин да го збогатите имунитетот на организмот за тој да му се спротивстави на вирусот – го започнува непосредно разговорот професорката Лили Стојановска на средбата во Скопје, за време на нејзините редовни посети на родната Македонија.
Постои еден мит за здрав живот, дека само со додатоци во исхраната и витамини можеме да го одржиме здравјето. Дали се тие, сепак, повеќе само превентива или може со нив да се оздрави веќе заболен организам?
– И едно и друго! Прво е превентивата. Ние прво градиме една добра база во организмот за да можеме да опстанеме при „напади“. Меѓутоа студиите покажуваат дека кога луѓето беа болни од ковид, биле болнички лекувани со големи дози витамин Ц, Б и Д. Тие студии покажуваат дека примената на тие додатоци, но при болничко лекување, со големи дози, интравенозно, по 20 дена, или еден месец, драстично го намалува интензитетот на вирусот. Тие луѓе преживеале полесно и побрзо излегле од болница отколку другата група пациенти, која не примала такви додатоци. Но тоа е лекување во болнички услови, зашто природно не може да се внесат 20.000 единици витамин Ц.
Потоа витаминот Д, кој сега стана еден од најпопуларните витамини за превентива. Не само за ковид, туку за сите болести. Сега го нарекуваме секси-витамин, бидејќи до пред 10 години ништо не знаевме за него, а сега имаме сознанија дека со намалување на витаминот Д може да се појават сите болести.
Дали витаминот Д добива статус на „волшебна формула“ за долг живот?
– Може и така да се каже. Мојата „формула“ е да се живее до 101 година, со квалитетна храна, притоа и вкусна. Тоа е какаото, односно чокаладо, но само со над 75 отсто какао во составот. Секое чоколадо што е со помалку од 75 отсто какао е повеќе шеќер и нема голема придобивка за здравјето од тоа. Чоколадото со над 75 отсто какао има околу 420 вида полифеноли. Тоа се различни хемикалии. Исто како и кафето. Но сѐ мора да биде во одредена доза. Ако се испијат три големи шолји кафе, се внесува големо количество кофеин, кој има „рок на траење“ во организмот од 12 часа. Значи една-две шолји кафе дневно, со тоа што последната би била најдоцна до 15 часот ако сакате добро да спиете. Има студии што покажуваат дека пиењето кафе наутро може да го намали нивото на шеќер при дијабетес. Кафето е здраво за состојби поврзани со дијабетес, но и за невролошки состојби.
Постојат ли дефиниции за тоа што е всушност – здрав живот?
– Едноставно е – здрав живот е да се живее што подолго, колку што е можно поквалитетно. Тој квалитет е – колку што е можно да се пијат помалку таблети, да се биде мобилен – независен од другите и да се биде умствено здрав – без деменција, без некои болести што би довеле до таква состојба. Сега истражувањата се насочени во постигнување таков квалитет на животот. Познато е дека со стареењето и мозокот донекаде старее. Меѓутоа мозокот е направен од сосема други клетки од другите органи во телото. Тоа се неврони, кои се поврзани меѓусебно со канали. Колку повеќе е зацврстена таа врска меѓу невроните, тие подобро „комуницираат“. И тие клетки не изумираат. Односно тоа може да се случи при состојби на недостиг од кислород. Зашто кислородот го храни мозокот. Мозокот се одржува со здрава храна и со многу вежбање, зашто и мозокот е мускул. Здравата храна за мозокот е кафе во умерена доза, какао со 400 полифеноли во себе… Какаото е феноменално за хранење на мозокот, за решавање проблеми со срцето, па и за слабеење. Но и тоа во умерена доза, а тоа се – ништо повеќе од 25 грама чоколадо на ден, со повеќе од 75 отсто какао. Ако се земе повеќе, треба да се знае дека се земаат и повеќе маснотии и шеќери.
Покрај кафето и какаото, тука е и виното! Но само црвено вино, богато со ресфератрол. Тоа е еден вид хемикалија што ја има само во црвеното вино. Тоа е совршено за кардиоваскуларни болести. Тоа се три работи, кои исклучително ги шират капиларите во мозокот – му даваат повеќе храна и кислород на мозокот.
Меѓутоа, мозокот е мускул, кој мора да го „тренираме“. „Тренингот“ е како и за другите мускули – со вежбање, решавање крстозбори, судоку, играње пинг-понг, тенис… Само на тој начин целиот организам функционира. Но за да живееме долго, потребни се и многу други фактори. Едниот фактор е психолошка стабилност – да немаме многу кортизол во телото, да немаме стресови. Затоа, за да живееме подолго треба да се занимаваме со некое хоби што го сакаме. Тоа може да биде спорт, но и цртање, да се почне нешто од ново – на пример да почнете да учите нов јазик, свирење нов инструмент… Така се активираат нови неврони. Значи активност, во која не го применуваме само она што го знаеме и сме го употребувале дотогаш, туку да учиме нешто ново. Покрај сето ова не смее да се запостави и социјалната димензија – да бидеме повеќе време со други луѓе, да се смееме почесто. Ние имаме 250-260 мускули и 207 коски во телото. Со таква структура, многу повеќе брчки добиваме ако сме намуртени, отколку кога се смееме. Со смеењето шириме ендорфини во мозокот.
Колку се важни социјалната интеракција и дружењето за квалитетот на животот?
– Сите студии покажуваат дека повозрасните луѓе што живеат во домови каде што има луѓе со исти знаења, но каде што имаат услови за практикување и унапредување на своите интереси живеат подолго од луѓето што се осамени.
Сепак, во Македонија е своевидно табу, непосакувана животна ситуација за повозрасните луѓе да одат во т.н. старски домови?
– Едната причина за таквата непосакувана перцепција за тие домови е затоа што таму ги немаат условите што ги имаат во својот дом. А втората причина е затоа што се скапи тие домови. Во Австралија, на пример, има домови со активности, реквизити, доаѓаат во посета други луѓе… Едноставно се дружат меѓу себе луѓето на слична возраст. Да се разбереме, ни тие домови во Австралија не се евтини, но луѓето таму планираат и такви ситуации за повисока возраст, па и ги заложуваат сопствените домови за да имаат нега и живот со пристоен квалитет во таа животна доба.
Дали сознанијата и заклучоците од истражувањата во Вашата научна област, пред сѐ за здрав квалитетен живот, се применливи овде, во Македонија?
– Да бидам искрена – применливи се донекаде. Сепак, далеку сме од вистинските услови за здрав живот, според научните стандарди. Прво, имаме помалку места за снабдување со здрава храна. Сепак, таквата храна е поскапа и луѓето ги немаат соодветните финансии за да си дозволат таква храна. За повисок квалитет на животот, како редовна рутина е практикување некаков спорт – дали пилатес, јога, шетање со групи…, што било. Можеби ги немаме тие финансии, но ги немаме ни тие организации. Во Австралија, на пример, здравствениот систем им овозможува на повозрасните лица неколку часа во текот на годината бесплатно да одат на терапии, кои не се на пример основни здравствени услуги – на пример кај кипопрактичар, остеопати… Меѓутоа, генерално, во Македонија имаме здрава храна и таа храна 90 отсто е сезонска. Мислам дека таквата сезонска храна треба да се употребува колку што е можно повеќе, но без запршки, кои се „легло“ на масти. Готвењето мораме да го направиме со помалку масти. Зеленчукот не треба да биде преварен. Мора да биде „крцкав“, полужив. Но таа промена доаѓа со едукација – сите витамини од зеленчукот се уништуваат со преварување.
Д-р Стојановска: Македонскиот јазик е мојата идентитетска нишка што никогаш не се загубила
Она што првично е забележливо кај д-р Лили Стојановска, со оглед на претходното сознание дека поголемиот дел од својот животен и работен век го минала во Австралија – е совршеното говорење на македонскиот јазик, без никаков акцент. Во Австралија заминала како тинејџерка, кога татко ѝ добил привремен ангажман да биде учител по македонски јазик на македонските иселеници. Привремениот ангажман на татко ѝ станал траен, па Лили таму завршува гимназија и факултет, но и го запознава својот сопруг – дипломат во тогашната југословенска амбасада. Професијата на сопругот, а подоцна и нејзиниот професионален ангажман како професор предавач создаваат околности таа во целиот свет да се чувствува како дома. Имаат живеено на сите континенти, но таа никогаш не ги изгубила чувството и љубовта да говори правилен современ македонски јазик.
– За љубовта и негувањето на македонскиот јазик можам да се заблагодарам на мојата волонтерска работа – радиоводителка. Кога во Австралија започнаа да се отвораат радија, поддржани од австралиската влада за одржување на културата и идентитетот на сите етнички заедници во земјата, веднаш се придружив на едно радио во Мелбурн, кое емитуваше програма на македонски јазик. Работата беше волонтерска, ја работев со многу љубов, а од таа работа стекнав искуство и самодоверба при јавни настапи, што многу ми помогна во мојата кариера како професор предавач на универзитетите. Македонскиот јазик е мојата идентитетска нишка, која никогаш не се загубила каде и да сум била во светот, на колку други јазици и да сум зборувала – вели професорката Лили Стојановска. Ј.П.