Православните верници веруваат во чудата на Пресвета Богородица и затоа ѝ се молат за ново чудо. За Богородица има многу преданија што зборуваат за нејзините чуда, вклучувајќи ги и чудата во Македонија, поврзани со храмот во центарот на Скопје, за кои скопјани и денес зборуваат. Распространето е верувањето дека бугарскиот цар Борис бил отруен веднаш по спалувањето на храмот „Пресвета Богородица“ во Скопје за време на Втората светска војна. Тогаш, бугарските окупатори во паника ја напуштиле Македонија, при што загинале голем број фашистички војници, полицајци, политичари, како и нивни блиски соработници
Утре се одбележува Успение на Пресвета Богородица или во народот познато како Голема Богородица, еден од најголемите православни празници
Речиси и да нема село или град во Македонија каде што не се слави името на мајката Божја преку утрешниот празник Голема Богородица, што кај македонскиот народ има долга традиција за масовно славење, со собири по селата и градовите.
Името на Богородица е едно од трите што најмногу се среќаваат како називи на цркви и манастири во Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Само во Скопје и во околината тоа се возобновената црква крај Вардар, манастирите во Матка и во селото Побожје, потоа уште еден манастир на Скопска Црна Гора над селото Горњани, како и црквата на Водно, посветена на Рождеството на Пресвета Богородица. Наедно, Богородица се смета за заштитничка на градот Скопје.
Секоја осма црква во Македонија ѝ е посветена на Пресвета Богородица, а секое петто семејство ја празнува оваа светителка како домашна слава. Според пресметката на вкупниот број на цркви во државата, околу 235 цркви го носат името на Богородица, а повеќето од нив се посветени на нејзиното успение, празник што се одбележува токму сега, секоја година, на 28 август по новиот календар или 15 август по стариот календар.
Со Голема Богородица практично почнуваат есенско-зимските слави, кои траат до почетокот на февруари, а месечно има и по неколку такви денови, во кои традиционално се прават и домашни слави со голем број гости. Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и им помага на жените при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба и поради тоа ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.
Православните верници веруваат во чудата на Пресвета Богородица и затоа ѝ се молат за ново чудо. За Богородица има многу преданија што зборуваат за нејзините чуда, вклучувајќи ги и чудата во Македонија, поврзани со храмот во центарот на Скопје, за кои скопјани и денес зборуваат. Распространето е верувањето дека бугарскиот цар Борис бил отруен веднаш по спалувањето на храмот „Пресвета Богородица“ во Скопје за време на Втората светска војна. Тогаш, бугарските окупатори во паника ја напуштиле Македонија, при што загинале голем број фашистички војници, полицајци, политичари, како и нивни блиски соработници.
Во црковниот календар има најмалку пет дена од годината што ѝ се посветени токму на Пресвета Богородица. Тоа се нејзиното Успение, нејзиното Рождество, Воведението во храмот, Покров на Пресвета Богородица, денот кога се слави нејзиното заштитништво, Благовештение или денот за веста за нејзиното зачнување и Собор на Пресвета Богородица. Н.М.