Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска им додели сертификати на 24 лица кои во претходниот период ги посетуваа обуките за лични асистенти на лица со попреченост.
Сертифицираните лични асистенти, со завршувањето на обуките, се стекнаа со потребните знаења и квалификации за грижа за слепи лица и лица со тешка и најтешка телесна попреченост.
Лицата, пак, кои имаат потреба од лична асистенција, потребно е да контактираат со општинската организација на Црвениот крст, со цел да им се обезбеди потребната помош.
Од 24-те сертифицирани лични асистенти, 10 веќе имаат склучено договори за работа и имаат корисници на услугата лична асистенција, што значи намалување на потешкотиите во секојдневието на лицата со попреченост од наведените категории.
Обуките за лична асистенција на лицата со попреченост, се реализираат како дел од Програмата за социјална заштита на општина Битола во соработка со општинската организација на Црвениот крст, а Битола е еден од шесте градови во државата, кои на овој начин овозможуваат лична асистенција за лицата со попреченост, се вели во информацијата од општина Битола.
М.М.