Tимот новинари од емисијата „КОД“ ја доби првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2024“, за серијалот истражувачки стории за тендерите во енергетскиот сектор, објавени на ТВ Телма – објави Македонскиот институт за медиуми.
Истражувањето на тимот на „КОД“ обелоденува сериозно коруптивно постапување на државните институции при спроведување на тендери и набавки во енергетскиот сектор во милионски износи. Новинарите демонстрирале исклучителен новинарски ангажман и спровеле сеопфатно истражување поткрепено со факти и податоци со кои на јавноста ѝ откриваат како одредени функционери и фирми блиски до претходната влада ги злоупотребувале тендерски постапки.
Втората награда за Најдобра истражувачка сторија ја доби новинарот Петар Клинчарски за серијалот текстови за Државна лотарија, објавени на веб-порталот на Радио Слободна Европа.
Авторот Клинчарски, преку серија текстови открива незаконско постапување во Државна лотарија при закуп на нов деловен простор и тендерите што ги спроведуваше акционерското друштво во време на поранешниот директор. Се работи за темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и релевантни извори, што предизвикаа големи реакции во јавноста. Како епилог, Владата и Државна лотарија ги раскинаа договорите, а поранешниот директор и сопствениците на компаниите со кои се склучувале договорите се предмет на финансиски истраги.
Тимот на Истражувачката репортерска лабораторија ја доби третата награда за Најдобра истражувачка сторија за истражувањето „Украдени животи“, емитувано на МТВ1 и на веб-порталот на ИРЛ.
Сторијата „Украдени животи“ разоткрива измами со брзи кредити, откако лични податоци на граѓаните протекле од државни институции и биле злоупотребени од организирани криминални групи од Македонија, Косово и Бугарија. Истражувањето прецизно ги отсликува последиците од потфрлањето на институциите да се обезбеди ефикасен надзор врз работата на финансиските друштва во земјата.
Наградата за најиновативен новинарски производ ја делат тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за новинарскиот проект „Мобилна редакција: Кичево“ и новинарките од емисијата „КОД“, Марија Митевска и Снежана Лупевска Созен, за видео сторијата посветена на обвинението за грабнувањето и убиството на малата Вања.
Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Ѓорѓи Личовски за фотографијата „Ловец на метеори“, објавена во германскиот магазин „Штерн“.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени на Мирослава Симоновска, Мери Јордановска и Антонија Јаневска, Билјана Николовска Тодорова, Александар Димитриевски, и на Александар Методијев и Сузана Мицева.
На годинешниот конкурс што беше објавен на 22 јануари и траеше до 17 февруари 2025 година пристигнаа:
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот Фокус, Никола Младенов.