Доделена е годишната Награда на најдобрите научници и уметник на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје за постигнати врвни резултати во 2024 година, соопштија попладнево од УКИМ.
Добитници на Наградата за најдобри научници и уметник на УКИМ за 2024 година, се проф. д-р Јасмина Петреска Станоева, од Природно-математичкиот факултет, најдобар научник за природно-математички науки; проф. д-р Христијан Ѓорески, од Факултетот за електротехника и информациски технологии, најдобар научник за техничко-технолошки науки; проф. д-р Драган Мијакоски, од Медицинскиот факултет, најдобар научник за медицински науки и здравство; вон. проф. д-р Мартин Николовски, од Факултетот за ветеринарна медицина, најдобар научник за ветеринарни и земјоделски науки; проф. д-р Огнен Спасовски, од Филозофскиот факултет, најдобар научник за општествени науки, како и проф. д-р Драган Даутовски, од Факултетот за музички уметности, најдобар научник за хуманистички науки.
– Денес, на 10 ноември, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се приклучува кон светската заедница во одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, прогласен од УНЕСКО. Оваа година, темата: „Доверба, трансформација и иднината: Науката што ни е потребна за 2050 година“ повикува на размислување како се создава науката денес, и како се гради довербата во неа, за генерациите што доаѓаат. Бидејќи, науката отсекогаш била двигател на човечкиот напредок, а денес, повеќе од кога било, потребна е наука што гради доверба – доверба меѓу истражувачите и општеството, меѓу универзитетите и индустријата, меѓу знаењето и етиката. Токму во довербата, се раѓа можноста за вистинска трансформација – онаа што ги менува системите, економијата, образованието и начинот на кој се гледа кон иднината. Потребна е наука што создава нови технологии, но и нови вредности, наука што се грижи за човекот, за општеството, за планетата, наука што е отворена, одржлива и хумана – се наведува во соопштението.
На Светскиот ден на науката, како што додаваат од УКИМ, со гордост ги чествуваат најдобрите научници и уметник на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, чии резултати за 2024 година, како што се истакнува, ја претставуваат токму таа визија – наука што гради доверба и отвора пат кон иднината.
Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, ја доделила годишната Награда на Универзитетот, за постигнати врвни резултати во научноистражувачката и уметничката дејност во текот на изминатата календарска година.
Истакнувајќи го значењето на научната дејност за нашето општество, ректорката на УКИМ, проф. д-р Ангелова упатила честитки до сите наградени.
– Вие сте инспирација за сите нас, особено за идните генерации што ќе го водат нашето општество кон поинтелигентна и поодржлива иднина. Да продолжиме сите заедно да ја негуваме довербата во науката, да ја поттикнуваме трансформацијата преку знаење, и да ја градиме иднината што ја заслужуваме – иднина во која науката е јадро на мирот, развојот и човековата благосостојба – додала таа.



































