Претседателката Гордана Силјановска-Давкова смета дека е добар потег што било побарано и добиено мислење од Венецијанската комисија за целиот пакет на закони за реформите во судството и дека веднаш по завршувањето на локалните избори мора да стигнат законите во Собранието, бидејќи, како што нагласи „не може да имаме реформи во судскиот систем без да имаме законски промени“.
Силјановска-Давкова рече дека имало периоди кога државата била ревносна во поднесувањето на барања за мислења од Венецијанската комисија, но и кога воопшто не сме го правеле тоа, нагласувајќи дека се израдувала што на дневен ред на Венецијанската комисија се нашло барањето за давање мислење за законот за јавното обвинителство и дека поминал законот.
– Да, информирана сум дека министерот за правда целиот пакет на закони врзан за реформите во судството го пратил на Венецијанска комисија и добил мислења за тоа. Веднаш по завршувањето на локалните избори мора да стигнат законите во Собранието, бидејќи не може да имаме реформи во судскиот систем без да имаме законски промени и мислам дека тоа е еден добар потег – изјави Силјановска-Давкова, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на 15 Октомври – Меѓународниот Ден на белиот стап.
Иако не се задолжителни мислењата на Венецијанската комисија, Силјановска-Давкова поттцрта дека препорачува сите закони, кога се во нацрт верзија да се праќаат до Венецијанската комисија, зошто како што рече, „таму седат врвни разни правници и тие се борците и заштитниците на владеењето на правото, наместо владеењето на поединиците“.
– Мислам дека тоа е добар потег и од следнава причина. Веќе нема да се оценува само хармонизацијата со европското право, туку и имплементацијата и тогаш два органи добиваат клучна улога. Венецијанската комисија, како комисија за владеење преку право и ГРЕКО (Група на држави против корупцијата). Ние мора да се подготвиме за тоа – рече Силјановска-Давкова.
Всушност, посочи Силјановска-Давкова, Венецијанската комисија затоа и била создадена во 90-тите година, за да им помогне на државите што излегоа од комунизмот да посегнат по донесување на либерални Устави и закони.