Долгата изборна кампања за двојните избори полека влегува во финале, а претседателските кандидати, лидерите на партиите, како и кандидатите за пратеници, повикуваат на масовност на гласањето на 8 мај.
Партиите продолжуваат со активности, средби со граѓани и прес-конференции, а од синоќешните митинзи уверуваа во победа на 8 мај.
Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, според претседателот на партијата Христијан Мицкоски би била победа за Силјановска Давкова и промени предводени од нив, во коалиција со албанската опозиција Вреди, како што изјави вчера. Во однос на коалицирањето и давањето гласови се огласи и Максим Димитриевски од ЗНАМ, кој кажа дека ќе почека став на партиските органи за тоа дали ќе побараат од членството да поддржи некој од кандидатите за претседател. Павле Трајанов, кој беше реизбран за претседател на Демократскиот сојуз на вчерашниот конгрес, даде поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска Давкова.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Крушево порача дека ако идејата за независна македонска држава првпат била реализирана во Крушево, тогаш и идејата за европска Македонија ќе почне токму од таму благодарение на Македонци, Власи и сите други заедници кои живеат во нашата држава.
– Замислете асномците при првата пречка да се откажеле од својата идеја за македонска држава. Замислете нашите претходници во 90-тите да се откажеа од идејата за независна Македонија. Тоа би било исто како ние да се откажеме од идејата за нашата цел, за европска Македонија, рече Ковачевски.
Според него, тоа значи откажување од идејата за подобар живот.
– Затоа СДСМ секогаш била и секогаш ќе биде најсилната партија во Македонија. Партија која не се откажува кога е најтешко, партија која не потклекнува кога се очекуваат тешки одлуки. Сите оние кои мислеле дека ќе не скршат завршиле заборавени од историјата. И затоа никој не треба да помисли ниту на сон дека сега ќе се откажеме, дополни тој.
Ковачевски рече дека се свесни, за, како што наведе „казната во првиот круг на изборите“ и кажа дека пораката е примена.
– Треба да седнеме, да поразговараме за проблемите прво меѓу себе, како што тоа го правиме исто и со граѓаните. И само така ќе можеме да ги оправиме сите грешки и заедно да градиме подобра и по просперитетна иднина за граѓаните, рече тој.
Потенцираше дека резултатот од изборите, не е, како што рече, оној од пред четири дена, туку на 8 мај.
-Знам дека голем број граѓани сѐ уште немаат одлучено кому да му го дадат својот глас. Затоа ги повикувам убаво да размислат кој заслужува да ја води државата. Убаво да размислат дали сакаат да гласаат за или сакаат да гласаат против. Гласањето против не ѝ носи добро на Македонија. Само ако гласаме за, може да одиме напред и да изградиме подобра држава за нашите деца, држава во која и тие ќе сакаат да живеат, рече Ковачевски, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за кандидатот за претседател Стево Пендаровски и Коалицијата За европска иднина на Парламентарните избори.
Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ Стево Пендаровски беше на средби со граѓаните на општина Маврово-Ростуше, каде рече дека од изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се гледа дека „тој (Мицкоски) отишол да моли кај другите партии со кои наводно веќе има направено договор за влада, тие да му ги префрлат гласовите за противкандидатката“.
-Поголемо понижување на македонските гласачи немаме видено одамна. Ако ги делиш ресорите и власта пред да ја освоиш, ти си политички манипулант. Нека решат граѓаните и вечерта на осми и ако ти ја имаш власта, повели, терај ја понатаму државата. Но во меѓувреме, несигурен во тоа што го нудиш како политички концепт, да бараш од другите помош и поддршка, затоа што знаеш дека твојот кандидат, можеби нема да може да ја истера целата работа сам, е нечесно кон целиот народ и сите македонски граѓани, рече Пендаровски.
Јас, потенцира тој, тоа не го правам, а не го правел, како што рече, ни пред 24 април.
-Нема да го правам ниту до осми мај. Ќе го чекаме вечерта на осми мај судот на македонските граѓани, како ќе речат тие, така ќе биде. Но јас ве уверувам дека во гласовите на кандидатите кои отпаднаа има огромно мнозинство кои Македонија ја сакаат ваква – шарена со сите убави бои, со сите граѓани еднакви меѓу себе, со солидарност и со заеднички сили да оди напред, порача Пендаровски.
Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ синоќа имаше митинг во Битола, а претходно во Демир Хисар и Могила. Лидерот на партијата Мицкоски упати низа критики до ДУИ, со чиј лидер Али Ахмети, деновиве од партиските митинзи си разменуваат пораки.
Мицкоски повика на масовно гласање на 8 мај и изјави дека неговата партија партнерот за формирање влада ќе го бара во албанската опозиција, во партиите со кои ќе споделуваат исти вредности и принципи, а за ДУИ, потенцираше дека е време за опозиција и за одговорност.
Упати порака до ДУИ да не му праќаат „емисари“ и „курири“ за да размислел за коалиција после изборите.
-И една порака до ДУИ. Овие денови сум преплавен со пораки и абери кои ми ги праќаат од Речица. Па како човек секогаш сум бил директен, престанете да ми ги праќате оние емисари и курири по разно разни канали кои велат да сум размислел да направиме коалиција после изборите. Не знам дали знаете или не, но јас не сум ви Ковачевски, ниту неговиот претходник. Со мене такви договори на штета на народот и под маса немало и нема да има, рече Мицкоски.
Време е, според него, ДУИ да биде заменето со партии кои ќе работат за сигурна иднина на сите граѓани и со која заедно ќе се бориме за заедничката иднина.
Мицкоски потенцира дека ДУИ секогаш кога краде највеќе, се прикрива со национални и етнички теми, а денес тие се прикриваат зад завесата Европа.
-И додека устите им се полни со Европа, а Ковачевски понизно ги слуша и коленичи пред Ахмети, него го слушаме среде Скопје како скандира УЧК, УЧК, рече Мицкоски.
Тие зборови, продолжи тој, „кажани од овој човек извалкан со тежок криминал и крвави раце облечен во одело кое не му ги пере гревовите, се навреда и за Албанците кои ги краде најмногу, и за нас Македонците“.
– И кога Ахмети вели дека Македонците немале паметници, тоа значи дека тој само не знае каде да погледне. А овде Битола раѓала јунаци со храбри срца кои своите животи ги поклонувале пред олтарот на слобода за нашата татковина. И има многу такви, стотици и илјадници, но денес 28 април, најзвучно се говорат имињата на осумте бранители меѓу кои четворица битолчани, македонски херои кои ги положија животите таа 2001 година во Вејце, ѕверски убиени во подла заседа, рече Мицкоски потоа кажувајќи ги нивните имиња.
Претходно до Демир Хисар, но и на митингот во Битола Мицкоски рече дека Силјановска Давкова победи во првиот круг на изборите со историска разлика од 183 илјади гласа во однос на нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски.
-Тоа е историски резултат и резултат кој нас не обврзува бидејќи народот со право има големи очекувања и очекува дека идната влада на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ треба да испорача брзи резултати, рече Мицкоски.
Ахмети му возврати од Дебар. Порача дека заедно мора да градиме мир, стабилност, иднина и да воспоставиме европски стандарди и да се бориме против криминалот и корупцијата. Македонија, рече тој, има свое место во Европа.
– Оваа земја има свое место во Европа и за оваа земја мора да работиме заедно, Македонци и Албанци, а не да се враќаме во минатото и да се огорчуваме затоа што викав УЧК, но УЧК е албанска гордост и УЧК ја спаси Македонија, нагласи Ахмети.
Ахмети дополни дека формирал фронт со албанските политички партии кој ги вклучил сите заедници.
– Мицкоски има дадено изјава дека наводно му праќам емисар да преговара да влезе во Владата. Христијан, во политиката влегов како востаник и нема да излезам без да се откажам, да се разбереме, народот ме гласа 22 години. Јас формирав фронт со албанските политички партии, но го направив овој фронт непобедлив со вклучување на заедниците кои вие ги презирате, како што се турската, ромската и босанската заедница. Се трудиме овој Устав што го направивме уште поблизок до граѓаните на Република Македонија да ги вклучи бугарската, египетската, црногорската и хрватската заедница. Охридскиот договор и промената на политичко-правниот статус на Албанците не ја уништија Македонија, изјави Ахмети во Дебар.
Тој порача дека Европскиот фронт ќе биде победник на изборите на 8 мај и дека народот ќе одлучи кој ќе биде дел од Владата.
Левица беше на средби во Штип од каде лидерот на партијата Димитар Апасиев рече дека нивна цел е на овие избори да го „кутне“ ВМРО – ДПМНЕ под 50 пратеници, а СДСМ под 20 и конечно да ја пасивизира СДСМ. Тој посочи дека целта им е и да освојат од осум до дванаесет пратеници, а како што рече, тоа се прогнозите и реалните очекувања на Левица.
-Она што го направивме на претседателските избори е очекуван резултат, како за првпат учествуваме и поддржавме независен кандидат, кој ни беше идеолошки близок. Но, на парламентарните почнуваме од нула и очекуваме солиден резултат, со којшто ќе овозможиме моќта на уценување конечно од албанските необалистички партии, да премине конечно во македонскиот блок и ние да бидеме оние коишто ќе го држат курсот на македонизмот, наспроти сите антимакедонски сили, коишто сакаат да внесуваат и Бугари во Устав, коишто сакаат да воведуваат дводомни Парламенти и да менуваат Устав, со којшто ќе се брише 20 проценти и ќе влегува друг официјален јазик, рече Апасиев.
Носителот на листата на коалицијата „Вреди“ во Шестата изборна единица Биљал Касами и кандидатот за пратеник, Аднан Азизи денеска ја посетија Општина Желино и реализираа повеќе средби со граѓани во неколку села.
Касами пренесе дека при разговорите со граѓаните од овие населени места добиле пораки за потребата од неопходна промена на централно ниво.
-Ветив дека после 8 мај сите жители ќе бидат подеднакво третирани од централната власт и инвестициите ќе бидат многу поголеми во Општина Желино. Не само граѓаните на Тетово и Полошкиот регион, туку и сите граѓани Албанци во Македонија заслужуваат да имаат добри услови и инвестиции, истото како што се случува во Тетово, истакна Касами.