Крушево

Општина Крушево потпиша договор преку Министерството за транспорт и врски за реализација на уште еден значаен инфраструктурен проект – изградба на обиколница во Крушево со пристапни патишта до скијачките терени.
– Проектот е резултат на претходно изработена проектна документација од страна на Општина Крушево и претставува значителен чекор напред во развојот на туристичката и спортската инфраструктура во нашиот град. Пристапниот пат ќе се протега од локацијата наречена Порта до скијачките терени, како и од другата страна – од местото Чешма на АРМ до местото Станич. Со неговата реализација ќе се овозможи подобар пристап за туристите и љубителите на зимските спортови, како и подобра поврзаност на различните делови на Крушево – вели градоначалникот Томе Христоски, потенцирајќи дека ова е уште еден потврден чекор дека Крушево продолжува да се гради, да се развива и да се менува – секој ден, со јасна визија и посветена работа!
Христоски постојано потенцира дека отвореноста, транспарентноста, отчетноста и работата во службата на сограѓаните е негов постојан двигател, што придонесува за успешна развојна приказна на Крушево овие години. К.М.