Фото: Пиксабеј

Во Центарот за јавно здравје Куманово потврден е еден случај на заболен од шуга од Романовце, информираа денеска од јавната здравствена установа. Станува збор за ученик од основно училиште „Кирил и Методиј“ од село Романовце. За останатите, нема потврда дека се заболени од шуга. Епидемиолозите смируваат дека простор за паника нема, во училиштето се преземени сите мерки за дезинфекција.

– Во тек на денешниот ден пристигната е пријава за заразна болест-шуга за еден ученик во училиштето во Романовце. Направен епидемиолошки увид во училиштето каде што се дадени и препораки изолација на заболениот ученик, третирање и лекување до целосно закрепнување, третирање на членовите на семејството, засилена одржување на хигиената. Во просториите на училиштето е спроведена дезинфекција, дезинфекција по епидемиолошки индикации од страна на службата на ЦЈЗ Куманово. Сестрата на ученикот е во изолација, во моментот не е заболена. До нас има само една пријава. Контактирав со родителите на останатите отсутни ученици. Според информации на родителите досега никој од учениците на развил симптоми на болеста, простор за паника-нема – изјави д-р Едита Рамизи, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Куманово.

Во училиштето се доставени средства за дезинфекција.

Шугата се карактеризира со интензивно чешање, кое вообичаено е интензивно преку ноќ, видливи се кожните промени меѓу прсти на рацете, стапалата, стомакот, пазувите. Најзначајно е да се одржува хигиената на високо ниво, но лекарите предупредуваат дека паразитот може да опстане 72 часа. Важно е да се пере облеката, постелнината на повисока температура, секој член на семејството да има посебна постелнина. Лани, на подрачјето на Центарот за јавно здравје кој ги покрива шестте општини од североисточниот регион имало 119 заболени, најчесто на возраст од 10 до 14 години, но имало и 22 заболени над 60 години. Најмалку заболени имало кај малите деца од две и пет години. Минатата година најмногу заболени имало во октомври, а најмалку во август. Болеста ги зафаќа сите слоеви на општество, без оглед на пол, возраст, раса.


Пораст на заболени од шуга минатата година во споредба со 2023 година

 

Во јануари годинава биле регистрирани 28 случаи на шуга од кои 16 во Скопје. Истите не биле поврзани меѓусебно, односно болеста не се јавувала во епидемиска формаПодатоците на Институтот за јавно здравје објавени денеска покажуваат дека минатата година е забележан пораст на лицата заболени од шуга, односно биле евидентирани 493 лица за разлика од 2023 година кога имало 337 заболени лица. Најголем број заболени минатата година биле регистрирани во Скопје – 182, Куманово – 108 и Гостивар – 101.

Во периодот од 2014 до 2023 година, најмногу заболени имало во 2015 година кога се евидентирани  527 лица, а најмалку во 2021 година кога имало 151 лице заболено од шуга.

– Во Македонија, шугата главно се појавува во социјално загрозени групи, како и во институции со повисок ризик за пренос, како што се училишта, домови за стари лица и други колективни средини – посочуваат од ИЈЗ.

Иако на прв поглед може да изгледа како незначителен проблем, шугата претставува сериозна здравствена и социјална закана, особено во заедниците со потешки услови за живот. Раната превенција и правилниот третман можат значително да го намалат ширењето и компликациите од болеста.

– Шугата е паразитска инфекција предизвикана од мал паразит, познат како „sarcoptes scabiei var hominis“. Овој паразит продира во горниот слој на кожата, каде што се размножува, предизвикувајќи силен осип и неподносливо чешање. Но, шугата не е само непријатност – таа може да доведе до сериозни компликации како што се бактериски инфекции на кожата, сепса, па дури и заболувања на срцето и бубрезите – наведуваат од ИЈЗ.

На глобално ниво, над 200 милиони луѓе страдаат од шуга во било кој момент. Во сиромашни тропски региони, процентот на заболени кај децата се движи од пет до 50 проценти. Шугата најчесто се јавува во густо населени заедници каде што хигиенските услови се несоодветни.

– Симптомите на шугата може да се јават четири до шест недели по инфекцијата. Најчесто се манифестираат како силно чешање, најинтензивно ноќе. Најчеста локализација на промените се вдлабнатините – браздите помеѓу прстите на рацете и нозете, свивките на лактите, предните набори на пазувите, папокот, половината и регионот на препоните. Грбот е ретко зафатен, а главата и тилот обично не се зафатени. Важни дијагностички знаци се скабиозните канали, на чиј крај може да се види црна точка. Исто така, можат да се забележат и други кожни промени по телото, од типот на макули и папули. Во почетокот на болеста постојат скудни кожни промени, но, пациентот е заразен за околината. Со развојот на алергијата, се засилува и јадежот. Кај малите деца, осипот може да се јави и на дланките, стапалата и скалпот. Кај лицата со послаб имунитет, особено кај хронично болните и лицата со ХИВ, може да се развие крустозна шуга. Ова е сериозна форма што предизвикува суви, лушпести области на кожата, со илјадници до милиони грини. Оваа форма е високо заразна и бара интензивен третман – појаснуваат од ИЈЗ.

Шугата се пренесува преку директен близок физички контакт кожа на кожа со заразено лице -заедничко живеење, спиење, многу често при кампувања и кај лица кои живеат во лоши хигиенски услови.

– Ризикот е особено висок во домови, училишта, болници или бегалски кампови. Пренос преку облека или постелнина е поредок, но, сепак, можен. Важно е да се напомене дека заразеното лице може да ја пренесе болеста дури и пред да развие симптоми, што ја прави шугата предизвик за контрола – потенцираат од ИЈЗ.

Од Институтот алармираат дека освен непријатноста од чешањето, шугата може да предизвика сериозни компликации.

– Долготрајното чешање и оштетувањето на кожата создаваат услови за бактериски инфекции, како импетиго, што може да преминат во сепса – состојба опасна по живот. Во тропските области, шугата често е поврзана со акутни и хронични заболувања на бубрезите и срцето, како што се пост-стрептококен гломерулонефритис и ревматски срцеви заболувања – истакнуваат од ИЈЗ.

Се препорачува избегнување на контакт со заразени лица, особено ако имаат чешање или осип. Доколку некој од семејството има шуга, да се лекуваат сите членови на семејството, дури и ако немаат симптоми. Постелнината, облеката и предметите за лична употреба треба да се перат со топла вода и да се сушат на висока температура или на сонце. Чистењето на просториите со вакуум или миење е од помош, особено ако има заразени лица.

– Третманот за шуга е едноставен, но, бара внимание. Најчесто користени се: топикални кремови, како што се пет отсто „перметрин“ или 10-25 проценти „бензил бензоат“. Оралниот лек „ивермектин“, што е многу ефикасен, но, не е препорачан за бремени жени и мали деца. Важно е да се повтори третманот по седум до 14 дена за да се елиминираат новоизведените грини. Лекувањето треба да го опфати целото домаќинство за да се спречи повторна инфекција – истакнуваат од ИЈЗ.

Во текот на вчерашниот ден беше соопштено дека во кумановско Романовце има еден потврден и три сонителни случаи.