Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со нацрт-законот за заштита од пушење, кој денеска и официјално е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР, се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи.

Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предлог-законот изработен од Министерството за здравство предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
Доколку биде усвоен, законот ќе забрани пушење пред и во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, организации за физичка култура и спорт, како и пред и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти.

Во и пред објекти каде што се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца )

Нема да се пуши ниту во објекти на државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа.

Пушењето ќе се забрани и во објекти и возила што претставуваат работни места, како и во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови, како и на аеродроми, автобуски станици, езерски пристаништа и на станици на градски и приградски јавен превоз.

Со предлог-законот се забранува и пушење во приватно возило во присуство на дете. Пушење ќе се забрани и во и пред објекти каде што се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца.

Пушењето останува забрането во објектите каде што се вршат трговски дејности и во угостителски објекти.

Нема да биде дозволено пушење ниту во заеднички простории на станбени згради како светларници, лифтови и заеднички котларници.

Според предлог-законот, пушењето ќе биде забрането и во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, како и во објекти на приредувачи на игри на среќа.

Во сите наведени објекти и простории задолжително треба да биде поставена ознака за забрана за пушење и да се контролира нејзиното спроведување. Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени од просторите каде што не се пуши и кои ќе бидат отворени од најмалку три страни на кои нема никакви стаклени, пастифицирани или најлонски прегради.
Еден од новитетите во предлог-законот за заштита од пушење е забрана за производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови.

– Под ароми и вкусови се подразбираат сите состојки, адитиви или нивни комбинации кои даваат или менуваат мирис или вкус на производот, вклучително и, но не ограничувајќи се на слатки, овошни, билни, ментол, ментови и други карактеристични вкусови, освен природниот тутунски вкус. Одредбата се однесува на сите тутунски и никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари и течности за електронски цигари со и без никотин, загреани тутунски производи, како и бездимни тутунски и никотински производи – се наведува во предлог-законското решение.
Со предлог-законот строго ќе се забрани и рекламирање и промоција на тутунски производи, како и нивно прикажување во компјутерски игри. Прикажувањето на производите од тутун и нивна употреба ќе се забрани и во телевизиски содржини, содржини кои се објавувани од инфлуенсери или поткастери, театарски претстави, радио, телевизиски, видео и кинематографски новинарски програми.

Тутунската индустрија ќе нема право да спонзорира театарски и филмски продукции, телевизиски/радио/интернет емисии и блогови на социјалните мрежи, ниту пак јавни настани, а забрането е и спонзорирање информативни кампањи за едукација на населението за штетите од консумирањето на тутун и никотин.

Спроведувањето на законот ќе го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, МВР и Управата за извршување на санкции и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, согласно утврдените надлежности.

Казните за прекршување на законските одредби ќе се движат од 2.000 до 3.000 евра за мало правно лице, од 3.000 до 4.000 евра средно правно лице, а од 4.000 до 5.000 евра големо правно лице. Казната за физичките лица ќе биде во износ од 150 до 300 евра.