Фото: Маја Јаневска Илиева

Во текот на 2025 година, граѓаните ќе добијат меѓу 20 и 30 нови целосно дигитализирани услуги, со фокус на најчесто користените постапки. Меѓу приоритетите се пријавувањето на новороденче и издавањето прв извод од Книгата на родените во рок пократок од 48 часа од поднесувањето на пријавата, како и услуги поврзани со енергетиката, Фондот за здравствено осигурување и деловниот сектор. Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, пренесува МИА.

-Очекувам во текот на пролетта да почнеме со уште еден проект преку европската ИПА-програма, со кој ќе дигитализираме уште една поголема група услуги, кои граѓаните ги сметаат за најкористени. Паралелно, работиме и на подобрување на електронската достава (е-сандаче), а многу бргу граѓаните ќе почнат да ги користат терминалите за услуги, кои ќе бидат поставени на фреквентни локации, најмногу во Скопје – потенцира Андоновски во интервју за „Скопјеинфо.мк“.

Како еден од клучните приоритети за годинава, министерот го издвојува стартот на проектот за формирање на Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“, како и развој на голем јазичен модел на македонски јазик. Според него, ова ќе овозможи системски напредок во примената на вештачката интелигенција во јавните институции.

-Тоа мора да биде придружено со поголема активност во привлекување странски инвестиции во висока технологија, вештачка интелигенција и центри за податоци – додава Андоновски.

Во интервјуто, тој укажува и на значителен раст на користењето на дигиталните услуги. Националниот портал за услуги денес брои над 260 илјади корисници, за разлика од околу 100 илјади во 2024 година, а забележан е и раст од над 150 проценти во искористеноста на е-услугите и трансакциите преку платформата за интероперабилност. Дополнително, донесена е национална ИКТ-стратегија со план до 2030 година, реализирани се десетици проекти, отворени се центри за услуги во 15 градови и усвоени се повеќе законски решенија. Андоновски потенцира дека сите обврски од реформската агенда се реализирани први, со што се обезбедени над 20 милиони евра од Европската Унија. Воедно, Скопје беше домаќин на најголемиот досега дигитален самит на Западен Балкан, со повеќе од 1.000 учесници, што, според него, повторно ја позиционира Македонија меѓу дигитално развиените држави.

-Дали очекувањата се целосно исполнети? Јавноста секогаш очекува побрзо, повеќе и подинамично – и тоа е оправдано. Но, реално гледано, темелите се поставени. Сега сме во фаза на забрзување, кое многу зависи и од респонзивноста на другите институции, буџетите и приоритетите на секоја од нив. Често велам дека најмногу време инвестираме во убедување на колегите какви придобивки носи дигитализацијата во нивниот ресор. Кога една институција ќе почне со дигитализација и ќе го види ефектот, потоа е лесно. Оттука, мојата лична оценка е дека направивме стабилна основа врз која може да се гради модерна, ефикасна и транспарентна администрација. И реално е да сум задоволен од мојот тим кој се посвети на оваа цел изминатите две години – оценува Андоновски.

Тој додава дека е свесен оти јавноста очекува побрзо темпо, но објаснува дека со зголемувањето на бројот и достапноста на услугите, расте и интересот и бројот на барања.

-И тоа е добро – вели тој, нагласувајќи дека го гледа како потврда за зголемената доверба и потреба од дигитални решенија.

Според Андоновски, процесот на дигитална трансформација е позитивно прифатен од најголем дел од граѓаните, особено од помладата популација, поради олеснетиот пристап до услуги и значителната заштеда на време, ресурси и нерви. Со формирањето на новата Влада, овој процес доби институционална тежина преку создавање посебно Министерство за дигитална трансформација, со издвојување на информатичкото општество од јавната администрација. Тој потсетува дека поради претходни неуспеси, граѓаните првично биле скептични кон ефективноста на новата институција.

-Во првата фаза требаше да изградиме институционален капацитет – тим, систем, стратегија и доверба на институциите во Министерството. Истовремено, да ги стабилизираме системите за тие да можат да испорачуваат услуги – вели министерот Андоновски за првите денови откако ја презел функцијата.

Во однос на иницијативата „Роаминг како дома“ и усогласувањето со европските регулативи, министерот посочува дека процесот е во напредна фаза. Македонија, како што вели, ги исполнува поголемиот дел од техничките и законските услови и се вбројува меѓу најподготвените земји во регионот, но нагласува дека станува збор за билатерален договорен процес меѓу ЕУ, земјите од Западен Балкан и телекомуникациските оператори.

-Најоптимистичките проекции, доколку процесот се движи според европската динамика, се насочени кон добивање на овој статус кон крајот на 2026 или 2027 година. Нашата цел е јасна: граѓаните кога патуваат во ЕУ да не плаќаат дополнителни трошоци за разговори и интернет – вели министерот Андоновски.