До 2030 година Бугарија и Македонија планираат да го завршат железничкото поврзување меѓу двете земји. Ова било истакнато на состанок во бугарското Министерство за транспорт и врски меѓу вршителот на должноста министер за транспорт и врски Корман Исмаилов и македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси Поповска, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за транспорт.
Според соопштението, министерката Исмаилов го истакнала забрзаното темпо со кое бугарската страна работи на модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево. Амбасадорката Руси Поповска, пак, нагласила дека соработката меѓу институциите на двете земји е клучна за непречена реализација на проектот.
Договорот за изградба на прекуграничниот железнички тунел беше потпишан на 6 ноември 2025 година во Ѓуешево. Потоа следуваше ратификација во македонското Собрание во декември минатата година, а месецов и во бугарскиот парламент.
Во меѓувреме напредува и изградбата на железничките делници на македонска територија. Првата делница, Куманово – Бељаковце, веќе е пуштена во употреба. На втората делница, Бељаковце – Крива Паланка, долга 34 километри, досега се реализирани повеќе од 30 проценти од градежните работи, а неодамна беше пробиен и последниот од вкупно 15 тунели.
За третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, во септември минатата година Владата го ефектуираше договорот за грант од Европската инвестициска банка во вредност од 3,7 милиони евра. Средствата се наменети за изработка на нова проектна документација и подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач.
Оваа делница ќе биде долга 23,4 километри и предвидува изградба на 22 тунели, меѓу кои и прекуграничниот тунел, како и 52 моста.
Во меѓувреме, бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура веќе распиша тендер за проектирање и изградба на нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија во должина од 2,4 километри. Станува збор за единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија. Паралелно, предвидена е и модернизација на 17-километарската делница од Перник до Радомир.
































