Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната 97 седница утврди сомнежи за незаконска набавка на мазут за потребите на АД „ЕСМ“ Скопје / АД „ТЕЦ“ Неготино од страна на „РКМ“ ДОО Скопје и незаконска продажба на ноќни вишоци на електрична енергија од страна на АД ЕСМ Скопје.
Според пријавата од непознат подносител, вредноста на вкупната набавка изнесува околу седум милијарди и 500 илјади денари, или околу 212 милиони евра, а требало да ја изврши фирмата „РКМ“ ДОО Скопје, при што била предвидена количина на мазут за која постои сомнеж дека истата не можела да биде испорачана за многу краток временски период. Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут. Дополнително, според јавно изнесените наводи, АД „ЕСМ“ Скопје наводно извршила и продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на една фирма по цена која била многу пониска од берзанската, според податоците и информациите на HUPEX. За наводите кои се однесуваат на сомнеж за незаконска продажба на ноќни вишоци на електрична енергија
По пријавата и увид во потребната документација од Комисијата било утврдено дека во тендерската документација на АД „ЕСМ“ Скопје не било барано економските оператори да го докажат техничкиот капацитет за испорака на мазутот, договорите за набавка на мазут со фирмата „РКМ“ ДОО Скопје биле склучени во вредност која била пониска од понудената, за истата количина, воедно биле пробиени и финансиските планови за јавни набавки на „ЕСМ“.
Исто така, Комисијата утврди дека првиот договор за набавка на мазут со „РКМ“ склучен бил анекс без да се утврди потребната количина и без да се утврдат ценовните и техничките услови на испорака, со што се овозможило за истата количина да се испорача мазут по повисока цена. Додека на вториот договор за набавка на мазут со „РКМ“, кој иако бил истечен и без правна сила, склучен бил анекс со цел да се исплатат дополнителни средства, без да се наведе испорака на дополнителна количина на мазут.
Според сметководствената документација на АД „ТЕЦ“ Неготино испорачаниот мазут од двата договора е со помала количина за околу 18.000 тони. „РКМ“ набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана и прикажал помалку приход во билансите во споредба со договорите за испорака на мазут.
– Утврдени се состојби кои укажуваат на сомнежи за трговија по пат на инсајдерски информации на енергетскиот пазар и за даночно затајување и ерозија на т.н. солидарен данок на добивка од страна на „РКМ“ и сомнежи кои укажуваат на монополско и непријателско здружување на пазарот на мазут во Македонија, со цел предизвикување пораст на неговата цена, а со тоа и растројство на пазарот на мазут во Македонија и пораст на цената на електричната енергија на штета на домашното стопанство, граѓаните и јавниот интерес на Македонија – информира, членот на Комисијата, Горан Трпеноски.
Комисијата по овој предмет донесе одлука да биде поднесена иницијативи за понатамошна постапка до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Влада на Македонија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, регулаторната комисија за енергетика и Управа за јавни приходи и Управа за финансиска полиција.
На седницата беа разгледувани и други предмети, меѓу кои и пријава за нелегална градба во Кичево, неспоивост на функции, како и пријави за положени правосудни испити без исполнување на потребните услови.
Во однос на предметот за неспоивост на функции, лицето Тања Ковачев истовремено извршувала функција генерален секретар и член на комисија. Членовите истакнаа дека ова не бил прв случај конкретно со функциите генерални и државни секретари и дека Ковачев побарала да биде разрешена од една од функциите, уште пред Комисијата да поведе иницијатива за прекршочна пријава.
По пријавата за недоследности во полагањето на правосудни испити Комисијата оцени дека има недоследности.
-Сите што биле на функција изминатиот период имаат одговорност за системот што е ваков каков што е и кај што има правила не се почитуват, а каде што се недоречени секој се издигнува над правилата, сепак станува збор за луѓе кои се запишале на академија и кои сакаат во иднина да делат правда, да бидат судии, јавни обвинители, сепак и тие требало да си ги почитуваат правилата и да не се пријавуваат ако не ги исполнуваат условите – оцени претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.
Комисијата на денешната седница исто така ја донесе Програмата за работа на ДКСК и го усвои годишниот план за следење на имотната состојба и интересите за 2024 година.
Членовите истакнаа дека во Годишниот план за следење на имотната состојба и интересите предвидно е повторно најголем акцент да биде ставен на секторот правосудство, како и на здравство и локална самоуправа.
Членовите го донесоа и Годишниот план за антикорупциска проверка на легислативата за 2024 година и Правилник за измена и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот на изјавата за имотната состојба и интересите.
Беше донесена и функционална анализа на Државната комисија за спречување на корупцијата, Антикорупциска програма за јавни претпријатија и АД во државна сопственост, а беа Усвоени и акти согласно Законот за заштита на личните податоци.