Државната комисија за спречување на корупцијата (ДСКС) по сопствено наоѓање повела постапка по пишувањата на ИРЛ за тоа дека премиерот Димитар Ковачевски потрошил 26.000 евра за рекламирање на социјалните мрежи во првите сто дена од стапувањето на функцијата. Утврдено е дека парите не се од Буџетот туку од партијата СДСМ, а антикорупционерите на денешната седница изнесоа низа забелешки за недоволна транспаретност од страна на Кабинетот на прамиерот, како и за алатката Опен фајнанс.
Членот на ДКСК Шемши Салаи истакна дека на два пати биле испратени дописи до Владата од каде не добиле прецизни информации како е платена кампањата на премиерот на социјалните мрежи во првите сто дена велејќи дека тие не се директно платени од Буџетот, како и дека ДКСК податоците треба да ги бара од Мета (Фејсбук).
Во текот на дискусијата членот на ДКСК Катица Николовска рече дека при проверка е утврдено дека се работи за реклами платени од СДСМ, но потоа се отвори прашањето за тоа кој е донатор на партијата.
-Таа алатка ја користиме за време на изборите. Тоа се бази на податоци преку Фејсбук и редовно има податоци за тоа кој ги плаќа тие реклами. Во овој случај вистина тоа е политичката партија СДСМ – рече Николовска.
Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска рече дека факт е дека премиерот се рекламира преку партијата, а кој е донатор на партијата тоа е друго прашање.
И Ивановска и претходно Салаи посочија дека алатката Опен фајнанс не обезбедува веќе транспаретни податоци.
-Штом нема транспаретност и на најдобрите постапки се фрла сомнеж – рече Салаи.
Ивановска, пак, потенцира дека Опен фајнанс особено не обезбедува податоци во делот на вработени преку aгенции.
-Па имаме превземање само преку aгенции, ја пишуваат само aгенцијата не ги пишуваат кои лица ги вработуваат, што значи Опен фајнанс наместо да ја зголемува транспаретноста и да овозможува подетални информации, прави според мене чекори назад и тоа не е во ред. Јас се согласувам да запре постапката, но наодите се тие – рече претседателката на ДКСК Ивановска.
Горан Трпеноски смета дека на тој начин, со рекламирањето на социјалните мрежи, има изигрување од страна на партиите и дека тоа треба на некој начин да се реши бидејќи тие како ДКСК немаат надлежност да проверат од каде се парите.