Фото: ДКСК

Одлуката за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е во надлежност на Собранието, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Како што се наведува во денешното соопштение од ДКСК, поднесување оставка како морален чин е одлука и право на самата претседателка на Комисијата.

– Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси- велат од ДКСК.

Сепак, како што се посочува во соопштението, во интерес на непречено работење и успешно остварување на целта и надлежностите на Државната комисија од ДКСК ценат дека е исклучително важно Комисијата да функционира во полн состав.

Од ДКСК информираат дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупција согласно изречените мерки од надлежниот суд, во изминатиот период не доаѓа на работа.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 18 јули годинава, поднесе обвинителен предлог против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна. Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.