Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска објави имиња на поранешни и актуелни носители на јавни функции кои се казнети со парична глоба за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Од Антикорупција соопштија дека во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите кои се изречени за сторените прекршоци.
Досега од донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Репубилика Македонија бр.12/2019“) ДКСК ги нема јавно објавувано овие информации, а Комисијата најавува дека ова во иднина ќе биде редовна пракса.
Јавно објавените информации, се додава во соопштението, ќе бидат достапни во период од две години по нивното објавување, а истите содржат: сторител на прекршок; прекршок: опис на дејството кое претставува прекршоки и висината на изречена глоба.
– Преку објавување на овие информации ДКСК има за цел да ја информира јавноста во насока на охрабрување на граѓаните, како и институциите да се придржуваат до правните норми. Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Северна Македонија. ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијата – соопштија од ДКСК.