Фото: Принтскрин/Фејсбук-видео / Архива

САД се очекува да бидат многу активни во разговорите за точниот начин на спроведување на договорот меѓу Скопје и Софија штом Бугарија има постабилна влада, најави помошник – државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан.

О`Брајан, како што јави Гласот на Америка на македонски јазик, на сослушување за иднината на Европа во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, вели дека земјава страда поради несогласувањата со соседите, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и влијае на менување на условите постојано.

Тој беше прашан од демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин, што САД можат да направат повеќе да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Македонија.

-Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија, и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни – одговори О`Брајан.

САД работат да се одржи и договорот со Грција, кажа О`Брајан.

-Дел од нашата дипломатска работа е да подготвиме пат за да го одржи договорот што го има со Грција, и мислам дека вашата средба и другите помогнаа да се задржи тоа Грција да стане пријател на патот на Северна Македонија напред, наместо критичар. Исто и со Албанија – изјави О`Брајан.