Вечерва во Собранието не беше изгласана интерпелација за работата на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Вкупно гласаа 104 пратеника, од кои „за“ гласаа 43, „против“ гласаа 61, „воздржани“ немаше.
Седницата ја затвори Џафери, откако кажа дека одговорно и совесно ќе продолжи да биде на чело на законодавниот дом.
Од собраниската говорница во текот на денешната расправа и порача на опозицијата да се погледне во огледало и да се преиспита. Рече дека во изминатиот месец опозицијата изнела многу лични навреди кон него, но дека тој нема да зборува на тој начин.
По неприфаќањето на интерпелацијата, претседателот на Собранието рече дека ќе продолжи да работи во насока на тоа да не се узурпира законодавниот дом и најави дека ќе продолжи комуникацијата со сите пратеници.
– Без оглед на начинот на гласање, важно е што се нарушија тезите дека интерпелациите се држат во фиока. Ми останува да им се заблагодарам и на тие што гласаа за моето разрешување и на оние кои гласааа против моето разрешување. Како и да е, работата на законодавниот дом ќе продолжи, а граѓаните се оние кои ќе ја направат проценката бидејќи никој од нас не е непогрешен. Ќе кажам дека со моите постапки нема да дозволам да се узирпира овој дом кој му припаѓа на народот. Продолжува и комуникацијата со секој од вас – рече Џафери.
Интерпелацијата беше поднесена на 30 мај од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Џафери на функцијата претседател на Собранието е од април 2017 година.