Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека постапил неделовнички кога го одложил гласањето за потребата за уставни измени по исцрпувањето на листата на говорници на пленарната седница на 18 август.
Џафери рече дека „тенденцијата за криво информирање го навело пред граѓаните да ја образложи својата постапка“.
-Седницата беше свикана за 18 август според глава 5 на Деловникот во која се пропишани чекорите за текот на една седница. Таму се регулира свикувањето, текот на седницата и сите чекори. Врз основа на тие постапки, отпочната е седницата, усвоен е дневниот ред, отворен претрес, одржан претрес и завршен претрес со констатанција дека претресот е завршен, како и дека ја прекинувам седницата, а за продолжението дополнително ќе бидат пратениците известени. Ова произлегува од член 81 од Деловникот, кој сакам целосно да го цитирам, а не делумно како што тоа го прават во јавните настапи: „Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата кога нема мнозинство и во други случаи кога тоа е неопходно“. Ова е ставот врз основа на која е прекината седницата -рече Џафери.
Тој вели дека нема дилема за одлуките и постапките за водење на седницата.
-Јас констатирав дека претресот е завршен. Тоа врз основа на член 81 од Деловникот. А дека пратениците знаат по кој основ се прекинува седницата, доказ е фактот што пред говорот на Јован Митревски, односно при завршување на говорот на Кастриот Реџепи, на процедурално се укажува на наводно можна злоупотреба на Деловникот со прекинување на дебатата. Од каде знаеле дека прекинува? Тоа значи дека по координациите, јас како претседател на Собранието, не седам во кабинетот и само се спуштам на седница и одлучувам, туку се имаат сознанија како ќе тече седницата – додаде Џафери.